„Дрекселмаер“ ќе инвестира 16 милиони евра и ќе отвори нови 1.000 работни места во Кавадарци и во Куманово


Германската компанија „Дрекселмаер“ ќе инвестира 16 милиони евра во проширување на производството во постојниот капацитет во Кавадарци и во нова фабрика во Куманово и ќе отвори нови 1.000 работни места. За таа цел, денес во Владата беше потпишан договор за државна помош за поддршка на оваа инвестиција.

„Со оваа инвестиција се планира зголемување и проширување на производствените капацитети и опрема за потребите на Мерцедес бенз Е класа во постоечкиот производствен погон во индустриската зона во Кавадарци и зголемување на производствените капацитети со нов производствен погон и опрема во Куманово, за потребите на нивните клиенти Мерцедес бенз и БМВ“, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи по потпишување на договорот за државна помош.

Како што објасни, државата ќе ја поддржи оваа инвестиција преку неколку мерки: ослободување од данок на личен доход за новите вработувања во компанијата која е дел од овој проект за период од десет години, потоа ослободување од данокот на добивка кој се однесува на новиот инвестициски проект за период од десет години, исплата кон Дрекселмаер во форма на готовински грант во износ од 10 отсто од износот на оправдани инвестициски трошоци, но не повеќе од 1 милион евра на годишно ниво за максимум пет години, како и исплата кон Дрекселмаер во форма на готовински грант во износ од 2.000 евра по вработен за креирање нови работни места.

„Особено е важно што оваа поддршка се однесува за оние работни места за кои континуирано се исплаќа месечно нето плата повисока за најмалку 50 отсто од висината на минималната нето плата, пропишана со Законот за минимална плата, рече Битиќи.

Јосеф Oтто Ерих Кауфман

Од страна на инвеститорот, договорот за државна помош го потпишаа управителите на компанијата ДММ Дрекслмајер мануфактуринг Македонија ДООЕЛ, Лукас Муехрингер и Јосеф Oтто Ерих Кауфман, кои истакнаа дека особено е важно што нивната компанија соработува со над 700 домашни фирми- добавувачи, и очекуваат таквата соработка да се интензивира.  

„Во Куманово ќе отвориме над 1.000 работни места. Се радувам на можностите што ги даваат нашите проекти“, истакна Муехрингер. 

Лукас Муехрингер

Осврнувајќи се на значењето на проектот Битиќи рече дека станува збор за вредна и навистина голема инвестиција.

„Ме радува тоа што со овој инвестициски проект дополнително ќе се влијае на зголемување на извозот на нашата земја, а особено сум задоволен за воведувањето нова производствена линија во Кавадарци и отворање нов производствен погон во Куманово кои ќе отворат нови можности за граѓаните од овие општини и ќе влијаат на локалниот економски развој“, рече Битиќи.

Тој додаде дека ова особено го потенцира за Куманово, град кој што припаѓа во северисточниот плански регион, кој има втор најмал БДП по жител и најмалку учествува во создавањето на домашниот бруто-производ.

„Верувам дека гигант како Дрекселмаер ќе помогне оваа слика да се промени и во економска смисла да го раздвижи Куманово и овој регион кој е на спојот на двата паневропски коридори 8 и 10“, рече Битиќи.

Според него потпишаниот договор за државна помош за нова инвестиција на германската компанија Дрекселмаер е уште една потврда за партнерскиот однос кој Владата го гради со компаниите што функционираат во земјата, како и за поволната бизнис клима која поттикнува нови инвестиции и развој на компаниите.

Од септември 2020 година потпишани се вкупно 48 договори за државна помош со компании кои аплицираа по законот за финансиска поддршка на инвестиции, а дополнително ова е вкупно петтиот договор кој се потпишува за нова инвестиција на странска компанија во земјава.

Битиќи потсети дека за осум месеци вакви договори се потпишаа со Вик за втората фаза на инвестицијата, со Ипотекс, Пруплас, Магна и сега со Дрекселмаер. 

„Од септември 2020 вкупно 53 инвестициски проекти со поддршка на државата се во тек. Со вкупна вреддност од речиси 96 милиони евра инвестиции и отворање преку 2.000 работни места за граѓаните“, рече Битиќи, додавајќи дека инвестициите на Дрекселмаер направени изминатите девет години, но и оваа нова инвестиција покажуваат дека компанијата ги препознава добрите бизнис услови во нашата земја и искрениот однос на Владата кон инвеститорите.

Дрекселмаер е светски познат бренд во автомобилската индустрија со главна дејност производство на кабелски сетови, комплетни електрични системи , а меѓу нивните клиенти има многу кои припаѓаат на топ 100 автомобилските добавувачи, како што се Ауди, БМВ, Бугати, Кадилак, Јагуар и други.

Оваа компанија е пристуна во нашата земја од 2012 година и е еден од најголемите работодавачи кај нас со околу 5.500 вработени во нивната фабрика во Кавадарци. (М.Ј.)