Дошол Путин или не дошол, Зеленски ќе оди во Истанбул на 15 мај

Германија му порача на Путин да прифати безусловно 30-дневно примирје во Украина до крајот на денот - или да се соочи со нови европски санкции


 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одлучи да отпатува за Истанбул на 15 мај на разговори со Русија, дури и ако Москва отфрли 30-дневен прекин на огнот, изјави украински функционер запознаен со ова прашање за американскиот медиум „Аксиос“. Зеленски претходно изјави дека Киев ќе се согласи да продолжи со директниот дијалог со Москва доколку Русија престане со огнот во Украина за да „обезбеди потребна основа за дипломатија“. Тој исто така нагласи дека е подготвен лично да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. „Се надевам дека овој пат Русите нема да бараат причини зошто не можат“, напиша украинскиот претседател на својот Телеграм канал.

Германија во понеделникот предупреди дека „часовникот отчукува“ за Русија да прифати безусловно 30-дневно примирје во Украина до крајот на денот – или да се соочи со нови европски санкции.

„Доколку Москва не го прифати барањето, во Брисел ќе бидат започнати подготовки за нови санкции“, изјави Штефан Корнелиус, портпарол на германската влада, според АФП.

Изјавата дојде откако европските министри се собраа во Лондон на клучен состанок за војната во Украина, која трае повеќе од три години.

„Украинскиот претседател јасно стави до знаење дека е подготвен да се согласи на прекин на огнот“, рече Корнелиус, зборувајќи на брифингот во Берлин.

„Тој направи големи отстапки во последните две недели. Сега е до руската страна да одговори на овие предлози и да се согласи на сериозни политички преговори.“

Предупредувањето следува по посетата на Киев во саботата од страна на лидерите од Франција, Германија, Полска и Велика Британија. За време на тоа патување, тие го повикаа Кремљ да прифати 30-дневно безусловно примирје за да се отвори патот за мировни преговори.

Во неделата, рускиот претседател Владимир Путин понуди директни разговори со Украина во Истанбул на 15 мај, но не одговори на повикот за прекин на огнот.

Путин му понуди на Киев да ги продолжи разговорите во Истанбул „без предуслови“ откако Украина и нејзините европски сојузници – Велика Британија, Франција, Германија и Полска – поддржани од САД, ја повикаа Русија да се согласи на 30-дневен прекин на огнот од 12 мај и се заканија со заострување на санкциите ако одбие.

Американскиот претседател Доналд Трамп потоа побара од Киев да започне мировен дијалог со Москва. „Путин не сака прекин на огнот, но сака да се сретне во Турција во четврток за да разговара за евентуален крај на крвопролевањето. Украина мора веднаш да се согласи на ова“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Според него, состанокот ќе разјасни дали страните се подготвени да склучат мировен договор во принцип, а ако не, тогаш „европските лидери и САД ќе знаат како стојат работите и ќе можат да дејствуваат соодветно“. „Почнувам да се сомневам дека Украина ќе склучи договор со Путин, кој е премногу зафатен со прославата на победата во Втората светска војна, која без Соединетите Американски Држави беше невозможно да се добие (дури ни приближно!). Одржете состанок, веднаш!!!“, побара Трамп.