Досегашниот потпретседател на Авганистан се прогласи за в.д. претседател, повика на отпор


Авганистанскиот потпретседател Амрула Салех денеска се прогласи за вршител на должноста претседател на државата и повика на отпор против талибанците.

Тој прецизира дека според Уставот се смета за в.д. претседател, имајќи предвид дека досегашниот претседател Ашраф Гани избегал од земјата.

– Според Уставот на Авганистан, во случај на отсуство, бегство, оставка или смрт на претседателот, првиот потпретседател станува вршител на должноста претседател. Моментално сум во земјата и јас сум легитимен в.д. претседател. Ги повикувам сите лидери во земјата да ме поддржат со консензус, напиша Салех на Твитер.

Тој апелираше за „обединет отпор“ против талибанците и вети дека никогаш нема да потклекне пред милитантите.

Во меѓувреме, силите на Салех ја вратија контролата врз областа Чарикар во провинцијата Парван.

Десет илјади војници, вклучувајќи ги и силите на генералот Абдул Рашид Дустум, се движат кон Панџшер во војна против талибанците.

Низ Чарикар минува стратешки важен автопат поминува низ тунелот Саланг, кој ги поврзува Кабул и Мазари Шариф, најголемиот град во северниот дел на Авганистан. 

Од друга страна, пак, талибанците денеска на своето прво јавно појавување по освојувањето на власта од прозападната влада на Ашраф Гани, објавија дека војната во Авганистан е завршена и дека сите нивни противници ќе бидат помилувани.

„Војната заврши … лидерот им прости на сите“, рече портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, додавајќи дека тие се посветени да им дозволат на жените да работат во согласност со принципите на исламот.

Муџахид на светот му ги соопшти плановите на оваа милитантна група во Авганистан, порачувајќи им на жителите на Кабул дека нема причина да се грижат, но посочи дека нивните постапки биле неопходни поради слабоста на претходната влада.

– За жал, претходната влада беше слаба и не ги исполни ветувањата. На улиците немаше полиција, закон и ред, бандите почнаа да ја преземаат власта во земјата, но името на Исламска држава се уште се користеше. Немавме друг избор освен да дејствуваме и да ги пуштиме нашите војници да влезат во градот, рече Муџахид.