Донесен планот на Бајден за закрепнување, повеќето Американци ќе добијат по 1.400 долари


Економистите се загрижени дека досега преземените херкулски напори нема да бидат доволни доколку кризата продолжи по јуни

Сенатот во саботата го усвои планот за закрепнување од пандемијата со КОВИД-19“ на претседателот Џо Бајден од 1.900 милијарди американски долари, по седница која што траеше цела ноќ на која меѓу демократите имаше несогласување околу надоместоците за невработеност, а републиканското малцинство не успеа да спроведе околу 30 амандмани.
Пакетот вклучува 400 милијарди долари еднократна исплата за повеќето Американци по 1.400 долари, 300 долари неделно продолжени надоместоци за 9,5 милиони луѓе кои останаа без работа во кризата и 350 милијарди долари помош за државните и локалните власти чии буџети се намалени од пандемијата.

Планот го помина Сенатот со 50 гласа „за“ и 49 „против“, а ниту еден републиканец не гласаше за еден од најголемите стимулативни пакети во историјата на САД.

Борбата не е завршена затоа што законот мора да се врати во Претставничкиот дом, кој пред една недела одобри малку поинаква верзија.

Конфликтот во Демократската партија околу надоместоците за невработеност и целоноќниот напор на републиканците за промена на законот, што според анкетите е поддржан од пошироката јавност, ги одразува тешкотиите што Бајден ќе ги има при донесувањето на некои други политики во Конгресот.

Законот е приоритет за Бајден откако корона вирусот уби повеќе од 520.000 Американци.

Расправата и гласањето траеја рекордни 11 часа и 50 минути, најдолго во модерната ера.

Демократите се обидоа да преговараат за висината на надоместоците за невработеност за да ги задоволат центристите, пред се сенаторот Џо Манчин, демократ кој ја претставува Западна Вирџинија, каде што со огромно мнозинство беше поддржан поранешниотт претседател од редот на републиканците, Доналд Трамп на изборите во ноември.

Продолжените исплати за невработеност се покажаа како најконтроверзниот дел од законот. Верзијата што помина во Претставничкиот дом минатата сабота предвидуваше 400 долари неделно, но компромисот ја намали таа поддршка на 300 американски долари.

Во таа верзија, исто така, беше предвидено двојно зголемување на минималната сатница од 15 американски долари, што Сенатот исто така го отфрли.

Умерените демократи стравуваа дека поголемите бенефиции за невработеност и зголемувањето на минималната плата ќе им наштетат на компаниите во руралните држави.