ДОМ: Пожарите во Трубарево, Вардариште и Дрисла се обид за убиство – време е за итни измени на Кривичниот законик


Зелената партија ДОМ остро реагира на денешниот пожар во скопското село Трубарево, кој е уште еден доказ дека државата дозволува екоцид врз своите граѓани и граѓанки. Очигледно дека не станува збор за изолиран настан – претходно гореа депониите Вардариште и Дрисла. Секој ваков пожар е директна закана по животот и здравјето на луѓето, а институциите остануваат неми и без одговорност, се вели во соопштението од ДОМ.  

ДОМ како дел од „Коалицијата за зелена иднина“ порачува  дека дојде моментот да се престане со полупразни изјави и симболични реакции на институциите. Кога чадот ги труе белите дробови на децата, кога цели населби се задушуваат, тоа не е „општа опасност“ – тоа е обид за убиство.

Затоа, ги повикуваме сите пратеници во Собранието – од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ВЛЕН и сите други политички партии – веднаш да се обединат и да подготват итни измени на Кривичниот законик со кои подметнувањето пожар ќе биде јасно утврдено како кривично дело што ќе се третира како обид за убиство.