Дојран преполн пред Илинден – колони на границите, плажите и шеталиштето полни со туристи


Со туристи на подолг престој, попатни посетители и зголемена фреквенција на возила, Дојран го започна илинденскиот празничен викенд. Редици возила беа забележани на граничниот премин „Дојран” пред седум часот наутро, а во уште поголем број колони се чекаше на ГП „Богородица” во Гевгелија.

Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во изминатите 24 часа преку граничниот премин „Богородица“ излегле 11.905 лица, додека приближно ист број патници влегле во државата. На преминот „Дојран“ излегле околу 3.000 лица, а влегле околу 2.300.

– На граничниот премин „Богородица” од вчера од 12 часот до денес во истото време влез во државата оствариле 1.910 македонски државјани, а излез оствариле 6.884 граѓани. Што се однесува до странските државјани во истиот период влез во нашата држава оствариле 8.863, а ја напуштиле нашата држава 5.021 лице. Додека на граничниот премин „Дојран” во истиот временски период влез во државата оствариле 461, а излез – 2.074 македонски државјани. Што се однесува до странските државјани, во истиот период влез во нашата држава оствариле 1.847, а ја напуштиле нашата држава 995 лица- информираат од МВР.

Зголемена раздвиженост денеска беше забележана и во центарот на Дојран, на шеталиштето и плажите долж езерото. Според локалните жители и сопствениците на викендички, туристичкото место забрзано се полни, а најголемиот прилив на гости се очекува утре, по повод празнувањето на 2 Август – Илинден.

– Доаѓаме секоја година, овде ни се допаѓа, остануваме по неколку дена на враќање од Грција. Храната е одлична, има неколку места кои редовно ги посетуваме, мирно е и воздухот е чист, се што ни треба за добар одмор- вели Тамара од Нови Сад, која со своето семејство неколку години по ред го посетува Дојран.

Покрај одбележувањето на Илинден, утре во Дојран ќе биде прославен и празникот на заштитникот на градот, Светиот пророк Илија. Во храмот посветен на светецот ќе се одржи света литургија со почеток во 8 часот. Црквата „Свети пророк Илија“, изградена во 19 век, е една од најголемите во регионот и има капацитет да прими околу 600 верници.