Доделени 47 нови социјални станови во Дебар
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Дебар присуствуваше на доделувањето на клучевите за новите 47 социјални станови, со што беше означено пуштањето во употреба на новиот станбен објект наменет за повеќе семејства.

Мицкоски им посака на корисниците на становите здравје, среќа и домовите да им бидат место за мир и сигурност, најавувајќи дека Владата ќе продолжи со инвестиции во вакви проекти.
-За мене претставува посебна чест и задоволство денеска во Дебар да имам можност симболично преку доделувањето на клучевите на едно семејство корисник на еден ваков стан, да го означиме пуштањето во употреба на овој станбен објект којшто ќе биде иднина на многу лица, на многу семејства коишто ќе го користат овој станбен објект- истакна премиерот.
Тој посочи дека Владата ќе продолжи во периодот што следи дополнително да инвестираме во вакви проекти.
Премиерот се заблагодари на директорот и тимот кој работел на реализацијата на проектот, на градоначалникот на Дебар, општинската администрација, Советот на Општината, како и на потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Градоначалникот на Дебар, Фисник Меља истакна дека Општина Дебар ќе продолжи соработката со Владата и надлежните институции за реализација на проекти кои придонесуваат за подобрување на условите за живот и благосостојбата на жителите.
И директорот на АД за станбен и деловен простор, Марјан Стефановски, упати искрени и најдобри желби до корисниците на новите станови.
-Доделуваме 47 станови на социјално ранливи категории. Оваа зграда е дел од проектот за изградба на социјални станови, во соработка меѓу македонската Влада и банката за развој при Советот на Европа. Изградена е на квадратура од 2.350 квадратни метри. Во зградата има 47 станбени единици со квадратура од 35 до 55 квадратни метри, во зависност од тоа колкави се семејствата- нагласи Стефановски.
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски изрази задоволство од реализацијата на проектот за доделување социјални станови во Дебар, оценувајќи дека владините политики директно ги подобруваат условите за живот на социјално ранливите категории граѓани.
-Обезбедување на достоинствени услови за живот се прашања за кои нема дебата. Секој еден залужува дом, кров над глава и подобри услови за живеење. Ова задача денеска ја исполнуваме овде во Дебар. Семејствата од социјален ризик кои се најдоа на конечната ранг-листа, исполнувајќи ги сите услови предвидени во јавниот повик, денеска ги добија клучевите од својот нов дом. Како Влада правиме се што е во наша можност да обезбедиме квалитетен живот на нашите граѓани- рече Николоски.
Тој информира дека претходно вакви станови биле распределени во Велес, каде се доделени 20 станови, Кочани 32, Струмица 21 и Гевгелија 19 станови.
Николовски најави продолжување на станбената политика и во следниот период, со распределба на станови во Свети Николе и Пробиштип, како и завршување на изградбата на станбени објекти во Бутел, Сарај и Прилеп, а планирана е и градба во Штип.