„Дојче веле“: „Лидл“ не планира да се шири во Северна Македонија


Познатиот германски синџир на маркети „Лидл“, сепаак, не планира да отвори продавница во Македонија, ниту за сега има такви планови. Од прес-центарот на „Лидл“ за „Дојче веле“ објаснуваат дека засега немаат планови за ширење на бизнисот во земјата.

„Лидл постојано ги анализира можностите за експанзија. Но во моментов нема никакви планови за влез на пазарот во Северна Македонија“, се вели од прес-службата на компанијата, пишува „Дојче веле“.

Реакцијата доаѓа откако деновиве во македонската јавност проструи веста дека „Лидл“ уште годинава ќе отвори супермаркет во земјата.

„Лидл“ во моментов има маркети во 29 земји во Европа и во САД. Последната голема експанзија на компанијата беше во 2018 во соседна Србија, каде досега се отворени 41 маркети. Синџирот поседува повеќе од 10 илјади супермаркети во речиси сите земји членки на ЕУ, како и во Србија и Велика Британија. Во регионот, освен Северна Македонија, „Лидл“ нема уште и во Албанија, Косово и Црна Гора, пишува „Дојче веле“.