Додик од Русија најави референдум за независност на Република Српска
Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, за време на посетата на Русија најави дека Република Српска ќе организира референдум за независност, односно за отцепување од Босна и Херцеговина, а кога точно тоа ќе се случи ќе се одлучи подоцна.
Додик, кој беше во Санкт Петербург и таму се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, ги потврди плановите за организирање референдум за отцепување во изјава за агенцијата ТАСС објавена денеска.
– Сè уште не е одреден конкретен ден. Треба да направиме многу истражувања, треба да направиме анализа. Би сакале да го направиме тоа сега, но сè уште има две страни вклучени во ова прашање. Се разбира, потребно е време“, изјави Додик.
Тој на почетокот на јуни формираше работна група која треба да подготви предлог за „договор за мирно раздружување“, кој потоа ќе и биде понуден на Федерацијата Босна и Херцеговина. Тезата на Додик е дека сегашната БиХ е создадена со здружување на два ентитета, па така можно е да се прекине постоењето на државата од која тие се дел доколку се постигне договор со кој ќе се укине Дејтонскиот договор.
Тој за руската агенција изјави дека сега најважно е да продолжи тој „преговарачки процес“, додавајќи дека во РС се сигурни дека во оваа фаза веќе има доволно „историска, општа цивилизациска зрелост и разбирање дека тоа треба да се случи и ќе се случи“.
Додик ја покрена иницијативата за „разединување“ откако Генералното собрание на ОН во мај усвои резолуција со која трајно потсетува на геноцидот во Сребреница во 1995 година,
Тој тврди дека со таа резолуција Србите се прогласени за геноциден народ и затоа веќе немаат причина да живеат во иста земја со Бошњаците.
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, претходно му порача на Додик дека „зборува глупости“ кога предложил разединување бидејќи од тоа сигурно нема ништо.