Додека ечат „бомбите“, не се слушаат пораките


Слободанка Јовановска

Ден пред почнувањето на политичката кампања, „бомбите“ ги заглушија програмите на политичките партии во земјата. Пред кампањите да станат позитивни и мобилизирачки, како што ветуваат, партиите брзаат да испукаат сѐ што имаат од негативната кампања, бидејќи на крајот на краиштата граѓаните сакаат да знаат што имаат да понудат за да ги гласаат.

Изминатите денови двете клучни партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, продолжија таму каде што застана во март, кога беа одложени предвремените избори, со една разлика што тогаш „Рекет“ беше главната реторика, а сега се бара нова тема со која ВМРО-ДПМНЕ ќе се продаде како надежна, без да ја смени политиката, без да го осуди криминалот на својата претходна гарнитура, без да смени било што во начинот на кој функционира, а само со пораката – дека и СДСМ се исти и не носат промена.

И покрај ваквите „експлозии“ од една кон друга партија, она што е видливо е дека од зборот правда годинава бегаат сите во своите слогани. Судејќи според оние што се најавени, не се веќе на цена ни зборовите „промени“ (особено за ВМРО-ДПМНЕ за која не се знае дали ќе бидат на подобро или полошо), државнички и патриотски слогани (се издишаа големите национални прашања), зборовите чесност, храброст и слични емоционални пораки, а место тоа поради растечката недоверба на јавноста во политиката, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа речиси со ист слоган во кампањата – „Можеме – уште подобро и уште повеќе“ и „Повеќе“. Затоа, само слоганот на ДУИ за „Албанец премиер“ успеа да ја енергизира дебатата.

Интересно е да се направи споредба на овие со ветувањата на претходните избори и колку од тие слогани ја погодија целта, колку од нив беа инвентивни, колку беа запаметени, колку беа контрапродуктивни, колку се повторуваа и како го прават тоа нашите соседи.

По тридецениската плуралистичка демократија во Македонија и огромниот број политички партии, сепак останаа запаметени само неколку слогани како погодок или пак како утка, бидејќи беа податливи за критики и потсмевања од ривалите и јавноста. Како најинвентивен аналитичарите го сметаат слоганот на Петар Гошев „Македонија нема време за чекање“, а најконтрапродуктивен неговиот слоган „Чисти раце“ (1994 година), иако е единствениот кој остана долго запаметен, бидејќи датира од почетоците на плурализмот. Останаа запаметени и „Иднина место судбина“ на ВМРО-Народната партија, „Некои прашања не заслужуваат одговор“ ( СДСМ од референдумот за локална самоуправа), „Резултати, а не приказни“ на ГРОМ  на изборите во 2017 година (резултатите беа кривична пријава за Стевчо Јакимовски), „Ни змија, ни магаре“ на ЛДП во 2011 година како погрешен начин да се понуди избор на трета партија, „Преродба со 100 чекори“ на Никола Груевски која заврши како најголем коруптивен скандал во историјата на државата, „Грујо ја носи државата во смрт, ние во ЕУ и НАТО“ (Обединети за Македонија), како и слоганот на Димитар Бузлески за градоначалник – „ Не се прави интеРесен, за нас се работи!

Додека во претходните избори партиите се обвинуваа за крадење на туѓи слогани и пораки, сега преферираат да ги исмеваат. Па така, најновото име на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, „Обнова на Македонија“ доби објаснување од власта – дека е ветување за „обнова на режимот“ што десет години владееше со државата. Слоганот пак на СДСМ „Можеме – уште подобро и уште повеќе“ доби потпрашање – на бројот на заразените да не мислевте?. Додека слоганот на ДУИ „Дојде време за премиер Албанец“ доби Твитер варијанта – ДУИ во опозиција, зошто да не?

Некои претходни слогани на партиите сепак не даваа ваква инспирација, бидејќи не излегуваа од веќе видени политички клишеа, при што најчесто се вртеа околу зборот „заедно“, како одраз на мултиетничкиот карактер и политичката поделеност на земјата, но и на чувството на граѓаните дека ги прашуваат за мислење само на изборите.

Така, слогани на СДСМ беа „Македонија напред, назад не“ (2006 година), „За твојата иднина“ (2011), „Промени за нов почеток, да ја вратиме средната класа“ (2014) , „За живот во Македонија“ (2016), „Живот  во Македонија за сите“ (2017), до најпромашениот од пи ар аспект – „Живот во Бутел за сите“ на кандидатот за градоначалник во оваа општина.

Од слоганите на ВМРО-ДПМНЕ најусогласен со очекувањата беше тој „За промени“ на Љупчо Георгиевски во 1998 година, а потоа следеа „Преродба со 100 чекори“ (2006), „Заедно можеме повеќе“ (2009), „Реформите ќе победат“ (2011), „Проверено“ (2014), „Знаеш што е подобро“ (2016), еден од подобрите „Секогаш работа, секогаш Македонија“ и од полошите – „Новата ера почнува“ (за локалните избори 2017 година), во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше на залез од власта.

ДУИ освен оваа година, главно имаше незабележителни слогани со кои се обраќаше само на албански гласачи – „Ние веруваме“ (2006 година), „Заедно до целта“ (2011), „Заедно одлучуваме“ (2016)… Освежување во албанскиот блок беше кампањата и слоганот на Имер Селмани во 2009 година, кој на изборите за претседател излезе со пораката „Нова пролет – нова демократија“ и беше дочекан како „Обама“ во Македонија, т.е. некој кој почна да ја руши етничката граница, што резултираше со освоени над 19.000 македонски гласови, и многу турски и ромски, покрај албанските. Дури со „Планот за живот во Македонија“ во 2016 година СДСМ го оствари истото, но во обратна насока, освојувајќи над 28.000 албански гласови на изборите.

Од т.н. патриотски или државнички слогани во чија основа е Македонија, ако се исклучи „Тука сме да ја кренеме Македонија на нозе“ (ВМРО-НП), се паметат и „Никогаш Северна, само Македонија“ на ФРОДЕМ, „За чесна Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ во 2019 година на конвенцијата за избор на претседател, „Правда за Македонија – татковината повикува“ на Гордана Силјановска-Давкова, „Слобода или смрт“ (Обединети за Македонија), „За твојата иднина“ (СДСМ), „Македонија заслужува претседател“ (Стево Пендаровски) и  „Државата пред сѐ“ на Ѓорге Иванов, кој беше оценет како слоган за 18 век. Тука може да влезат и „Умно, чесно, одлучно” на Борис Трајковски во 1999 година, „Има излез“ (ЛДП), „Како сте? ЛДП го слуша Вашиот глас“, „За ред во земјата” и слични. Во албанскиот блок пак се стигна од Албанец претседател до паролата Албанец премиер.

За разлика од Македонија, на изборите што поминаа во Србија имаше многу поемоционално набиена реторика и слогани кои имаат и драматика и поголема лепливост за публиката. Низ историјата пак на оваа држава имаше слогани кои не само што се паметат многу добро, туку и не може да се заборават поради уникатноста. Од најславниот „Србија се сагињати неће“, „Ми долазимо“, „То је то – СПО“, „ЈУЛ је кул“, „Кево ја ћу лево“, „Прва љубав заборава нема“, „Почнимо љубав испочетка“, „Промене за бољи живот“, „Ко сме да вам погледа у очи“ (Коштуница), „Ајмо сви у напад“, „Снага, победа, обнова: Сутра почиње одмах“, „Са нама нема неизвесност“ (Слободан Милошевиќ, СПС),  „За Србију у плусу“, „За Србију на Запад“ и „Село без пореза до краја века“. Србија со децении беше најкористуваниот збор во овие слогани, па така излегоа и многу други варијатни – „Изађи Србијо“, „Вратити осмех Србији“, „Све за Србију“ и во тој стил до „Служимо народу“, „Дигни главу“, „Ко што народ каже“, „Уговор са народом“, „СРС, мудрост, храброст, поверење. Памет, знање, поштење“,  „Свој на своме“, „Србија има силу“, „ За Србију- знам зашто“…

Од пооригиналните се и слоганите  „Да живимо као људи“, „Разум, није касно“, „Нема опуштања“, „Да живимо као сав нормалан свет“, „Размисли добро“, „Европа одмах, Косово заувек“, „Социјалисти су у моди“, „Шта јес, јес, најбољи је СПС“, „Непоштени избори, лоповска власт“, „Што није јасно?“, „Нас је више, готов је“, „Само јако“, „СНС – брже, јаче ,боље“ и слични кои наликуваат на навивачки слогани, па и се граничат со воинственост, што е одраз на политичката сцена.

На изборите што се одржаа, пак, викендов највпечатливи беа слоганите „Нека маске падну“ , „Термин нам је 21 јун“, „Само право“ и тој на победничката СНС – „За нашу децу“. Во Хрватска главни слогани на претседателските избори беа „Претседател со карактер“, „Претседателка“, „Сега или никогаш“ и „Нормално“, додека во Република Српска остана најзапаметен слоганот – „Се разденува“, бидејќи состојбата е далеку од тоа.