„Доаѓаме по вас“: По експлозиите на Крим, Киев со порака до Москва

Експлозиите во руските магацини за оружје и запалени воени бази на Крим се секојдневна појава. Украинците наводно подготвуваат голема контраофанзива


 

– Ова е само почетокот! – му порачаа Украинците на Владимир Путин по серијата спектакуларни напади што ги извршија на Крим, кој е под контрола на Русите, пишува Тајмс. Иако Украина официјално не ја презеде одговорноста за нападите, советникот на претседателот Володимир Зеленски на Твитер сугерира дека неговата влада стои зад експлозиите. „Утрото кај Џанкој започна со експлозии“, „Демитилиризација на дело“, напиша Михајло Подољак на Твитер.

Вчера експлодираше руски магацин за муниција што се чуваше во воена база лоцирана на 200 километри од најблиската линија на фронтот. Експлозиите ја потресоа и руската поморска воздухопловна база на околу 18 километри северно од главниот град на Крим Симферопол, која изгоре брзо по детонациите.

„Овие огномети се јасен знак дека Крим наскоро ќе и се врати на Украина“, изјави Серхиј Братчук, портпарол на воената администрација на регионот Одеса.

Вчера истовремени експлозии имаше на голема трафостаница во градот Џанкој на Крим, а на околу 20 километри источно голема експлозија на складиште за муниција во близина на пругата во градот Азовска, а на видеата кои кружат на социјалните мрежи може да се забележи и огромен пожар во Азовска, пренесува Јутарњи.хр.

Руското Министерство за одбрана призна дека се случиле напади врз складиштето за муниција, обвинувајќи ги диверзантите и нападот го окарактеризира како „терористички“. Сергеј Аксјонов, лидерот на Крим назначен од Русија, рече дека 3.000 луѓе се евакуирани, а две лица се повредени. Нападите на Крим ги принудија да избегаат и малкуте преостанати руски туристи, чиј егзодус предизвика огромен сообраќаен метеж на мостот што го поврзува Крим со Русија. Долги редици се формираа и на железничката станица во Симферопол.

Мистериозен напад

Последните напади се случија откако минатата недела изгоре руска воздушна база со десет авиони во Новофедоривка. Украинските власти за медиумите изјавија дека нападот е резултат на операција спроведена од „елитна единица на специјалните сили“. Меѓутоа, кога ги контактираше „Тајмс“, военото разузнавање и операторите на специјалните сили на единицата, која спроведе неколку операции на руска територија, рекоа дека немаат сознанија за операцијата на специјалните сили.

И сателитски фотографии од воздухопловната база Новофедоривка, во близина на градот Саки, покажуваат големи кратери кои укажуваат на ракетни напади, а не тип на експлозив што би можел да го користи тим на специјалци/диверзанти. Кремљ тврди дека уништувањето на воздухопловната база било предизвикано од пожар предизвикан од несреќен сплет на околности.

Од друга страна, САД тврдат дека на Украина не ѝ испорачале ракети со толкав дострел што би можеле да погодат цели на длабочина од стотици километри на територијата што ја контролира Русија. Киев поседува противбродски ракети со долг дострел наречени Нептун, кои веќе се користени за потопување на борбениот крстосувач Москва, но тие бараат модификација за воопшто да се користат против копнени цели и да летаат низ руската трислојна противвоздушна одбрана, што е неопходно за стигнат до Крим. Исто така, беше објавено дека украинските воздухопловни сили ги гаѓале руските противвоздушни системи со американски противрадарски ракети АГМ-88, што предизвикало руските радарски оператори да ги исклучат своите системи за да не бидат погодени. Украинскиот центар за стратешки комуникации објави и дека Русија подготвува ракети за напад на 24 август, Денот на независноста на Украина.

Украинска контраофанзива

Во септември Кремљ планира да одржи „референдуми“ во провинциите Керсон и Запорожје, што речиси сигурно ќе резултира со нивно припојување кон Русија. Затоа Украина е решена да го запре она што се случува. Планот на Зеленски е наводно да ги освои Керсон и околните населби под руска окупација на десниот брег на реката Днепар, по што контраофанзивата треба да се движи кон територијата на југ и исток и на крајот кон самиот Крим, кој беше заземен од тајни руски оперативци во 2014 г.

Како што веќе беше напишано, следните неколку недели де факто би можеле да ги одредат границите на Украина за следните неколку години. На југ, каде што линијата на фронтот се протега меѓу Миколаев и Керсон, преку степскиот пејзаж на полиња и здробени села, Русите се соочуваат со пораз. Украинците, исто така, тврдат дека Москва ги повлекла воените команданти од окупираниот град Керсон, оставајќи околу 10.000 луѓе без безбедни линии за снабдување.

Знаеме дека од јуни Украина користи повеќе ракетни системи ХИМАРС што им ги доставувале САД. Тие го користеа за клинички уништување на руски цели на југ. Овој месец беа уништени и четири моста на реките Днепар, меѓу кои и Антонивскиот мост што го поврзува Херсон со градот Олешки на левиот брег. Одбраната на Русија против ХИМАРС се чини дека е немоќна.

Последни вести

Но, во источен Донбас, руските трупи продолжуваат да напредуваат, притискајќи ги градовите Бахмут и Славјанск кои се под контрола на Украина.

Извештаите за жртви од руското гранатирање сè уште пристигнуваат. Во Харков во североисточна Украина еден цивил загина, а девет се ранети. Олег Синиехубов, регионалниот гувернер, рече дека вечерашниот напад е едно од најтешките гранатирање на Харков во последните денови.

Украинскиот нуклеарен оператор „Енергоатом“ вчера објави „невиден“ кибер напад на својата веб-страница, но исто така соопшти дека неговите операции не биле прекинати. Да потсетиме, Русија и Украина со денови меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на најголемиот нуклеарен објект во Европа во Запорожје.