До кога парите за дијаспората ќе летаат во ветер


Постои ли грам логика во тоа да се потрошат половина милион евра буквално за ништо. Приближно толку финансиски средства потроши Државната изборна комисија за организација на изборот на тројцата пратеници од дијаспората на последните парламентарни избори во 2016 година. Кој беше ефектот? Нула пратеник, поради тоа што ниеден од кандидатите не доби цензус од гласовите пропишан во Изборниот законик.

Според измените на Изборниот законик што произлезе од договорот на четирите политички партии пред предвремените парламентарни избори во 2016 година, прагот за избор на пратеник од дијаспората претставува најмалиот број гласови со кој е добиен пратенички мандат во Македонија. Доколку кандидатите од дијаспората освојат гласови под тој праг, тогаш ќе се смета дека не е избран пратеник од седмата изборна единица, што и се случи.

Промените беа направени по критиките во јавноста дека гласот на иселениците е за девет пати повреден. Имено, во Македонија, во зависност од изборите, во просек е потребно да се добијат меѓу шест и осум илјади гласа за едно пратеничко место, додека народен избраник од Австралија, да речеме, во 2014 година се смести во Собранието со само 881 глас.

Од вкупно 20.573 регистрирани гласачи во Изборната единица 7 на последните парламентарни избори во 2016 година гласаа 8.229 гласачи, односно излезеноста беше 40 проценти. За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ гласаа 5.044 гласачи, за СДСМ 1902, ДУИ – 886 и за коалицијата ВМРО за Македонија 157. Неважечки ливчиња – 244. Ниту еден од овие кандидати не го обезбеди потребниот број од 6.500 гласа за освојување на пратеничко место.

Без оглед на дебаклот што можеше да се претпостави, неколку дена пред 11 декември во странство отпатуваа 320 луѓе од администрацијата, членови и претседатели на избирачки одбори. Само за авионски карти, хотелски престој и такси-превоз од аеродром, ДИК за нив потрошила 300.000 евра. Се плаќале и дневници, а на државен трошок биле и 110 пријавени набљудувачи од партиите.

Гласот на дијаспората скапо ги чинеше граѓаните и на последните претседателски избори, и покрај сите обиде да се скусат трошоците со намалување на избирачките одбори и ангажирање на што повеќе луѓе од таму. Гласањето во странство се организираше само во оние избирачки места каде што беа пријавени најмалку 10 избирачи.

Според статистиката на Светска банка, од Македонија во изминативе две децении во западноевропските и прекуокеанските земји се иселени 460.000 граѓани, но интересот за гласање на иселениците секогаш бил слаб. На изборите за шефот на државата, да речеме, се регистрираа само 1.782 гласачи. Дел од политичките партии апелираат дека се потребни измени во Изборниот законик во делот на дијаспората додека има време пред парламентарните избори планирани за 11 април.

„Ние во ЛДП анализираме како да се заштедат средства при гласањето на дијаспората и нашиот предлог е доколку не се пријават 50.000 иселеници за да гласаат на изборите, тогаш гласањето во дијаспората воопшто да не се реализира бидејќи познато е дека трошиме милиони евра, а таму одѕивот е многу мал и не можат да изберат пратеник од дијаспората“, вели лидерот на ЛДП, Горна Милевски.

Ние не сакаме, нагласува тој, да се укине правото на дијаспората да гласа, но доколку се постигне одреден цензус на пријавени за гласање, тогаш тоа да се реализира.

„Сметаме дека е нелогично да испраќаме лица за следење на процесот на гласање и гласачките кутии во Кина, Америка, Австралија… а притоа да не се изберат пратеници од тие места“, смета Милевски.

Познавачите на оваа проблематика велат дека не е виновна ДИК и дека грешката е системска.

„Кога се виде во 2011 и во 2014 година дека мандат се добива само со 500-600 гласа, требаше да се воведе електронско гласање. А не сега вака, тројца се пријавиле за гласање во дијаспората, 10 души од ДИК одат за нив. Хрватите гласаат во странство, ама Хрватска има силна дијаспора. Ние, всушност, не сме спремни за избор на пратеници од дијаспората. Кога ќе бидеме спремни, кога ќе може без фалсификат и измама електронски да гласа нашата дијаспора, тогаш треба да се спроведе избор на пратеници од дијаспората. До тогаш, кој сака да гласа, нека повели, нека си дојде во Македонија на денот на гласањето и нека си гласа“, коментираше професорот Борче Давитковски по фијаското пред три години.

ЛДП на Милевски е дел од групата помали партии кои бараат и промена на изборниот модел, што според проценките, во моментов е празен муабет без шанса за реализација во овој кус рок.

„Знаеме дека е потребен консензус од сите политички партии, а според моите информации ВМРО-ДПМНЕ сè уште немаат одговор за тоа дали прифаќаат една изборна единица. Доколку прифатат, во владејачкото мнозинство има расположение и време за промени на изборниот модел. Ние сме подготвени да прифатиме промените на изборниот модел да важат и од следните парламентарни избори, односно по предвремените парламентарни избори што ќе се одржат во април 2020 година“, посочи Милевски. (Н.К.)