До четврток трае огласот за 400 нови пожарникари – од документација потребна е само медицинска белешка

Јавниот повик за прием на 400 лица по владината мерка за поддршка против пожарите, завршува во четврток.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов повика сите заинтересирани да се пријават, а за тоа потребно е да појдат во локалните Центри за вработување и таму ќе ги пополлнта потребните документи, додека пак со себе треба да носат медицинска белешка со која потврдуваат дека немаат болести кои би им пречеле во извршување на работните задачи.
„Ги повикувам сите заинтересирани лица, кои се заинтересирани за оваа владна мерка, најдоцна до четврток, да поднесат апликација, во локалниот центар за вработување, во било кој град во државата. Таму ќе ги пополнат потребните документи. Значајно е дека со нив треба да носат потврда, медицинска потврда од матичниот доктор, во којашто се потврдува дека не боледуваат од тешки болести, којшто би им пречеле во работењето на оваа исклучително одговорна задача“, рече директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција.
Појасни дека други документи не треба да носат со себе.
Повтори дека од овие 400 најдобрите ќе бидат избрани за трајно вработување како пожарникари.
Во Градот Скопје апликацијата треба да се поднесе во Општината Кисела Вода, но во локалниот Центар за вработување, а за главниот град се бараат 80 луѓе.