ДКСК покрена постапка против внукот на Али Ахмети за сомнително добиени грантови


На последниот работен состанок на актуелниот состав на Антикорупциска отворен е предмет против внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети, со кој треба да се доиспита како двете фирми на младиот Ахмети пред година и половина се офајдиле со пет милиони денари од Фондот за иновации. Друга финансиска поддршка од државни институции не добиле. ДКСК притоа побара разрешување на директорот на Фондот за иновации технолошки развој (ФИТР) Фестим Халили, како и на сите членови на Управниот одбор и Комитетот за одобрување на инвестиции поради сомневање за незаконско постапување при доделување на 81 илјада евра на фирми во сопственост на внукот на лидерот на ДУИ, Дрин Ахмети.

Нури Бајрами од ДКСК, презентирајќи го предметот, побара од Владата да ја преиспита целата работа на Фондот затоа што постои, како што вели, основано сомневање дека за несовесно и противзаконско работење на сите негови органи.

„ Јас лично се прашувам како во овој случај не реагирал Управниот одбор кој го следи работењето на Фондот и како Комитетот за одобрување на инвестиции дал одобрение повикувајќи се на една општа одредба во правилникот каде штуро на едно место се предвидени промени без да се прецизира какви промени и кој ќе врши надзор“, вели Бајрами.

Досега од буџетот на Фондот се исплатени вкупно 35 илјади евра, а при тоа не е направена ниту една контрола од институцијата за да се изврши проверка како се потрошени нивните пари, посочува Бајрами повикувајќи се на документи добиени од ФИТР. Тој тврди дека исплатата на парите се извршувала авансно на квартална основа, а останатиот дел од парите требало да се исплатат по исполнувањето на условите за наменски потрошени пари. Според него спорно е што поголемиот дел од предвидениот буџетот за проекти на Фондот за иновации е доделен само на овие две компании.

„Ако за двата проекти се доделени 5 милиони денари, а вкупно биле предвидени 6 милиони денари, останува нејасно дали некоја друга компанија воопшто добила пари од ФИТР за проекти по тој јавен конкурс“, објаснува тој.

Тор индустрис, фирма во целосна сопственост на Дрин Ахмети, на овој конкурс доби околу 32.000 евра за проектот насловен како „3D modeling and scanning of infrastructure design“. На истиот конкурс, фирмата на истиот Дрин Ахмети, Еверест ЏД добива 50.000 евра за проектот „Daтa management Efficiency System.

Според антикорупционерот Бајрами, сомнежот за незаконско делување лежи во промената на роковите за проектот и на неизвршениот надзор за сработеното предвидено во проектот. Тој додава дека во Комисијата утврдиле дека ваквото делување станало пракса во Фондот, па затоа и бара целосна проверка на работата на Фондот.

По објавените информации во медиумите за добитниците на овој конкурс од Фондот во јуни минатата година од Фондот реагираа дека сите пријавени компании на нивните јавни повици поминуваат процес на претселекција спроведена од три домашни стручни лица од 22 области на експертиза.

„Проектите се оценуваат согласно дефинираните критериуми: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликантот и влијание на проектот“, соопшти ФИТР додавајќи дека сите проекти кои ќе добијат просечена оцена од минумум 51 поен продолжуваат во следна фаза, а Финалната селекција ја прави Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ), составен од 5 светски експерти.