Дискусија за измените на законите за коридорите 8 и 10-д: Поголема дебата и повеќе анализи за предложените законски измени
Со предложените измени на осумте закони за побрза изградба на коридорите 8 и 10-д не само што се забрзуваат постапките, како што стои во многу кратките образложенија, туку се менува и нивната природа, а со тоа и начинот на заштита на правата и вредностите, но и секое носење на специјални закони само по себе е ризик од корупција, порача раководителот на Центарот за добро управување при Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС), Миша Поповиќ пред почетокот на дискусијата на тема „Зголемени ризици од брзите измени на законите за изградба на коридорите 8 и 10-д“ што денеска се одржа во организација на Институот.
Препорача да се следи целосната постапка, односно сите измени да се повлечат и да одат низ реална процедура, а истовремено Владата да обезбеди анализи зошто се потребни исклучоците кои треба да се направат само во случаи во кои е оправдано. Посебно, додаде тој, треба да објаснат зошто е потребна работна недела со повеќе од 40 часа.
На настанот експерти дискутираа за потенцијалните опасности кои се воведуваат со предложените измени на осумте закони и какви импликации ќе имаат во областите кои ги опфаќаат.

-Нема дебата и анализи за промените на осумте закони кои истовремено ги штитат човековите права, како и вредности кои се важни за животот на граѓаните како што се животната средина и културното наследство. Секое носење на специјални закони само по себе е ризик од корупција, бидејќи на посебен начин – со исклучок се уредуваат работи кои и онака се уредени со општи закони. Со специјалниот закон беше заобиколен Законот за јавни набавки, а сега со исклучоците во постојните осум закони постои ризик од корупција и укажува на можни проблеми понатаму, рече Поповиќ.
Укажа дека светската пракса покажува оти треба да се избегнуваат специјални закони, да се избегнуваат исклучоци и дека треба работите да се водат според општите законски норми, кои се во земјата во кои се предвидени различни заштитни механизми и од корупција, но и од други можни злоупотреби.
-За жал кај нас процесот продолжува и сметам дека тоа ќе има сериозни последици во иднина кога ќе се евалуира начинот на управување во земјава. Европската комисија (ЕК) веќе реагираше на самиот Закон за градење, односно правењето на таков исклучок од Законот за јавни набавки и сметам дека и овие исклучоци кои се тераат без потребната анализа на влијание на регулативата што е избегната зашто предлозите доаѓаат од страна на пратениците ќе си најдат свое место во следниот извештај на ЕК, но и во други извештаи кои го оценуваат начинот на управување и владеење во земјата. Кога се прават измени на закон, а особено измени кои ја менуваат суштината на главните одредби и прават исклучоци, треба да биде проследено со нужна потреба, која е анализирана и одлуката да се даде таков предлог да е донесена врз база на анализа на податоци, а не врз база на мислење и желба на приватниот инвеститор, рече Поповиќ.
Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници посочи дека предложените измени на Законот за работи однос се проблематични од аспект на владеењето на правото, се косат со веќе донесената одлука на Уставниот суд, која е конечна и чие правно дејство е спрема сите и го разнишува целокупното владеење на правото во земјава. Тие, како што кажа, се во спротивност на Уставот, во спротивност на Одлуката на Уставниот суд и во спротивност со Европската социјална повелба со која јасно се определува траењето на работната недела.

-Секогаш кога се работи за закони и прописи од областа на работните односи на предлагањето на нивно носење треба да им претходи задолжителен трипартитен дијалог, односно да бидат спроведени исклучиво во транспарентна постапка во која ќе бидат вклучени државата, синдикатите и стопанските комори. Какви било какви измени кои не се соодветно издискутирани и не се соодветно анализирани неминовно ќе водат до несоодветно и неквалитетно законско решение, рече Коцевски и додаде дека тоа се однесува за сите осум закони кои се во собраниска процедура во моментов.
Втор проблем според него, е што се носат во скратена постапка, за која граѓанските организации и експертите долго укажуваат дека се злоупотребува.
-Скратената постапка оневозможува соодветно да се идентификуваат и дискутираат сите аспекти на носењето на законот во кој се предлага три клучни измени. Првата се однесува во однос на начинот и местото на исплаќање на плата за што се упатува дека подзаконски акт ќе донесе Министерството за финансии. Се поставува прашање која е потребата од несење на посебен подзаконски акт. Втората и клучна измена е отстранувањето на максималното траење на прекувремената работа која е одредена со законот и истакнувањето дека прекувремената работа може да трае повеќе од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часови во просек неделни во траење од три месеци и повеќе од 190 часа годишно. Третата измена се однесува за работа во недела, рече Коцевски.
Додаде дека треба да се знае на кои лица и под кои услови се предвидува да важат исклучоците, а во законските измени што се предложени, истакна, може само да се претпостави дека се работи за Бехтел и Енка, но од правна гледна точка се однесува за сите работи кои се од стратешки и национален интерес, а токму тоа не е дефинирано – кои се работите од стратешки и национален интерес за државата.

Тона Карева од Хелсиншкиот комитет за човекови права посочи дека измените на законите претставуваат поткопување на владеењето на правото и предизвикуваат правна несигурност. За неа измените се нецелосни, недобро утврдени и не се знае за што се се однесуваат, како и кои сегашни и идни проекти можат да се прогласат за проекти од стратешко и национално значење.
Тоа, како што рече, отвора простор за сомнеж, за самоволие заради целосното непочитување на начелата на уставност и законитост и слободите и правата на граѓанинот.
-Законските измени кои се предвидени се спротивни со Уставот и со Одлуката на Уставен суд. Секој е должен да го почитува Уставот и законите, вклучувајќи ги и пратениците кои се предлагачи на овие законски измени, со кои заради скратената постапка се заобиколува можноста за анализа на измените дали се издржани и потребни. Се менуваат многу значајни закони кои предвидуваат строги правила и начини на постапки, рече Карева.
Орданче Петров од Македонското археолошко друштво (МАД) порача дека со измените на Законот за заштита на културно наследство на удар беа случајните археолошки откритија, а со измените на законите за градба и за урбанистичко планирање на удар се евидентираните и регистрираните културни добра со тоа што се прави заобиколување на надлежните установи и нарушување на воспоставениот принцип на заштита.
-Минатата недела измените на Законот за заштита на културното наследство беа повлечени од собраниска процедура, но со тоа не престануваат заложбите на МАД во однос на измените на останатите закони, пред се во однос на Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање кои исто така го тангираат културното наследство, односно неговата заштита. Моментално ги анализираме овие два закона за да видиме кои проблеми може да се јават при понатамошното имплементирање, рече Петров.
Александар Кржаловски од МЦМС праша како се стигнало до сумата од 12,5 милиони евра за изградба на еден километар на автопатите на коридорите 8 и 10 д кога во Бугарија еден километар автопат чини 2,5 милиони евра.
-Можам да разберам 12,5 милиони евра за километар да чини автопатот од Гостивар до Букојчани, но не и за Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола кои ќе бидат рамни како тепсија, рече Кржаловски.