Директорката на „Тисенкруп“ поднесе оставка, акциите потонаа за повеќе од 14 отсто
Главниот извршен директор на германскиот индустриски конгломерат „Тисенкруп“ (Thyssenkrupp), Мартина Мерц, денеска поднесе оставка од својата функција.
Од 1 јуни неа ќе ја наследи досегашниот шеф на групата „Норма“, Мигел Анхел Лопез Борег. По изненадувачкиот потег, акциите на компанијата потонаа за повеќе од 14 отсто.
Мартина Мерц денеска побара предвремен раскин на договорот од Кадровската комисија на Надзорниот одбор. Комисијата го исполни барањето и предложи наследник во надзорниот одбор, шефот на автомобилскиот добавувач „Норма“, Лопез Борег, кој од 1 јуни ќе го преземе раководството на „Тисенкруп“, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Мерц го презеде управувањето со концернот во октомври 2019 година, а минатиот мај договорот и беше продолжен до 2028 година. Таа го водеше сложеното реструктуирање на конгломератот, кој беше соочен со финансиски проблеми и кризата околу идните насоки, пренесува француската новинска агенција АФП.
Под нејзино раководство, конгломератот, меѓу другото, го продаде делот за производство на лифтови за повеќе од 15 милијарди евра, а како дел од намалувањето на трошоците отпушти и околу 11.000 луѓе. Финансиите на групацијата закрепнаа и таа забележа нето добивка во деловната 2021/2022 година.
Но, „Тисенкруп“ не успеа да најде купувач за својата основна дејност, производството на челик, а Мерц се соочи со критики поради нејзината работа во последните месеци, пренесува АФП.
Одлуката за оставка ги изненади пазарите. На берзата во Франкфурт, акциите на „Тисенкруп“ беа за повеќе од 14 отсто под затворањето во петокот до 17 часот.