Дипломатката од МНР што остана без сертификат тврди дека сакаат да ја замолчат
Министерството за надворешни работи соопшти дека на двајца дипломати не им е даден безбедносен сертификат, но дека одлуката за тоа не ја носи оваа институција туку Дирекција за безбедност на класифицирани информации .
-Согласно појавените реакции кон Министерството за надворешни работи поврзани со издавањето сертификат за безбедност на вработените во дипломатијата, дозволете да информираме дека МНР ниту дава ниту одзема сертификат за безбедност. За тоа е задолжена Дирекција за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ) која има законска надлежност и обврска, во соработка со други институции, да издаде нов, или да одземе веќе постоечки сертификат за безбедност од било која класа. Министерството за надворешни работи има обврска да реагира доколку одреден вработен со правосилна одлука остане без сертификат за безбедност.
Постапката за поседување сертификат за безбедност е обврска за сите вработени во дипломатијата и таа се спроведува во континуитет. Информираме дека во последното известување од страна на ДБКИ, за двајца вработени во дипломатијата не е одобрен безбедносен сертификат, стои во реакцијата на МНР. Претходно еден од двата синдикати во МНР реагираше дека Викторија Трајков е дипломатката која не добија безбедносен сертификат и дека таа одлука според нивно тврдење е предизвикана од нејзините критики за работата на министерот Бујар Османи.
„Македонскиот дипломатски синдикат изразува загриженост по наводите искажани од нашиот член Викторија Трајков, дека и е одземен безбедносниот сертификат а воедно и се ускратува законски загарантираното право на дипломатска патна исправа“, велат од МДС.
„Се поставува прашањето дали овие дејствија се реакција поради нејзините јавно искажани ставови кон раководството на министерството. Синдикатот потсетува дека вакви притисоци беа нотирани и во изминатите неколку години за повеќе колеги по однос на истата проблематика, односно јавен настап вон работно време. МДС смета дека етичкиот кодекс на министерството не смее да го ограничува правото на јавно изразување на мислење и врз основа на тоа спорниот „член 17“ го оспори пред Уставниот Суд на РМ.
Имајќи го во предвид горенаведеното, МДС бара да се преиспита одлуката за ускратување на правото на дипломатска патна исправа на редовно вработен дипломат во министерството а воедно да се престане со притисоци од овој вид“, соопштија од Македонскиот дипломатски синдикат.
Викторија Трајков инаку покрај вработувањето во МНР работи и како професор на универзитетот за туризам УТМС во Скопје, пишува колумни за „Курир“, политички е активна во ВМРО-ДПМНЕ и учествува во нивни активности додека се претставува како професионален дипломат.