Димитриевски: Не можат да ме враќаат во партија од која не сум излегол
Никој не може да ме враќа во партија од која никогаш немам излезено и согласно статутот на мојата СДСМ сѐ уште сум член. Со нетрпение ја очекувам седницата на Централниот одбор на која ќе разговараме за мојот статус, но и за погубните политики на дел од раководството кои не доведоа во оваа состојба, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, по навестувањето на вицепремиерот Љупчо Николовски дека во СДСМ се размислува за такво нешто.
-На СДСМ му се неопходни радикални промени и трансформации по вертикала и хоризонтала и начинот на практикување на власта, елиминација на лукративно – клиентелистичкиот пристап кои треба да бидат заменети со вистински државотворни политики базирани на идеологија во кои граѓанскиот ќе биде пред партиско – личниот интерес.Ние власта од граѓаните ја добивме за да бидеме различни, а не исти или слични со претходните. Очекувам реализација на најавените оставки и кадровски смени во владата, но и во партијата бидејќи едно од нашите начела беше и дека “Зборот е збор”, порача Димитриевски.
Според него, изминатиот период притисоците кон него и неговите поддржувачи биле огромни и тоа од луѓе кои се нарекувале “сопартијци”.
-Нема простор за разговор ниту за договор со такви кои што срушија се, излегоа од начелата на СДСМ и се користеа со груевистички методи, вели Димитриевски не посочувајќи ниту едно име.