Девет фирми добија покана да достават финансиска понуда за изградба на автопатот Букојчани – Кичево

Девет фирми влегуваат во процесот за избор на изведувач за изградба на автопатот Букојчани – Кичево на Коридорт 8, во должина од 11,5 километри, откако заврши претквалификациската фаза согласно тедерот на Јавното претпријатие за државни патишта. Претквалификуваните фирми денеска добија покана да достават финансиски понуди до 30 септември годинава.
ЈПДП најавува дека со средства обезбедени со заем од Европската банка за обнова и развој, наскоро ќе јпочне изградбата на автопатската делница од Букојчани до Кичево.
– Со цел да се изврши избор на најподобен Изведувач за изградба на автопатската делница беше објавен тендер за претквалификација согласно со процедурите за набавки на ЕБОР. Процесот на претквалификација заврши и претквалификувани се девет фирми, кои добија покана за поднесување на понуди, со краен рок за доставување на понудите до 30.09.2025 година, по што ќе следи детална евалуација на доставените понуди и избор на најподобен Изведувач на градежните работи за изградба на автопатската делница. По крајниот рок за доставување до 30.09.2025 година, по што ќе следи детална евалуација на доставените понуди и избор на најподобен Изведувач на градежните работи за изградба на автопатската делница, информира ЈПДП.
Според ЈПДП, изградбата на автопатската делница Букојчани-Кичево, како дел од Европскиот патен коридор 8 на ниво на автопат значително ќе се подобри мобилноста и трговската размена, безбедноста на патот, ќе се скрати времето на патување, и ќе се зголемат можностите за економскиот развој.
Постоечката делница на државниот пат А2 од Гостивар до Кичево проектирана е пред повеќе од 50 години и изградена како единечен коловоз со две сообраќајни ленти во двата правца, а наместа на планинските превои има и трета лента за бавни возила. Поради зголемениот обем на сообраќај и недоволно добрите возно – динамички услови, неминовно е надградување на оваа делница на ниво на современо автопатско решение по кое ќе се одвива брз, безбеден и непречен меѓународен и домашен превоз на патници и стоки.
Според претходните најави на надлежните институции, вкупните проектирани трошоци за автопатската делница изнесуваат 132,7 милиони евра, од кои 110 милиони евра заем од ЕБОР, а 19,8 милиони евра инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Согласно со повикот за претквалификација што беше објавен на 4 февруари годинава, новата автопатската делница ќе има двоен коловоз со по две сообраќајни ленти од 3,5 метри со брзина на движење од 100 километри на час. Работите опфаќаат и изградба на клучки, мостови, пропусти, тунел,одводни канали, олуци, берми и потпорни ѕидови. Оваа делница е надоврзување на трасата Гостивар – Букојчани, во должина од 30,1 километар, која е дел од пакетот автопатски делници што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а на терен веќе има активности.
ЈПДП информира дека има засилена градежна активност и на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, исто така на Коридорт 8, со што ќе има целосно автопатско поврзување од главниот град Скопје до туристичкиот центар Охрид.