Прв случај на Омикрон во земјава. Вирусот го има маж кој допатувал од Велика Британија

Мажот кој допатувал од Велика Британија веќе го прележал вирусот во јануари годинава, а оттогаш примил две дози вакцина. Тој има лесна клиничка слика


 

Првиот случај на сојот Омикрон на вирусот SarsCoV2 денеска е детектиран во  Македонија, информираат од Министерството за здравство. Ова беше очекувано, затоа што Омикрон варијантата е присутна речиси насекаде во Европа. 

Здравствените власти информираат дека секвенционирањето е направено во приватната болница „Жан Митрев“ во Скопје кај маж кој во земјава допатувал од Велика Британија.

„Станува збор за реинфекција, односно пациентот во јануари 2021 година ја имал прележано болеста и тогаш бил асимптоматски. По прележувањето на болеста, пациентот примил две дози од вакцината ‘Фајзер’. По втор пат позитивен тест на Ковид-19 има од пред два дена, по што е потврдено дека е сојот Омикрон“, се вели во соопштението од МЗ.

Во моментот пациентот има лесна клиничка слика и се лекува во изолација во својот дом.

Омикрон забрзано се шири и во Европа и во САД. Здравствените власти на Германија најавија дека во наредните денови се очекува драматичен пораст на бројот на инфекциите во земјата и тоа благодарејќи на Омикрон. Според денешните информации веќе се одложени 2.000 летови токму поради ширењето на вирусот.

Франција го забележа највисокиот дневен пораст на инфекции цо последните 24 часа – дури 91.000 нови случаи.

Добрата страна, ако има добрта, е што заболувањето со Омикрон предизвикува малку полесна слика од онаа на инфизираните со Делта сојот.