Деспотовски: Не трчаме по камери и лопати, туку по поголеми плати за работниците
Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски смета дека коронакризата во зоните е помината и оти компаниите успешно се прилагодуваат на новите околности настанати по кризата. За тоа, според него, говори и растот на извозот од зоните за 56 проценти во периодиот јануари – јули годинава во однос на лани, но, уште поважен е растот од осум проценти во однос на 2019 и повеќе од 30 проценти во однос на 2018 година. Тоа, нагласува, значи дека преткризното ниво не само што е достигнато, туку успешно е надминато.
Тој во интервју за „Жешко политичко лето“ на телевизија „Канал 5“ истакна дека со нов различен пристап во привлекување инвестиции, успеале повисоките плати да ги наметнат како клучен сегмент во инвестициските планови на идните странски инвеститори.
– Не трчаме по камери и лопати, туку трчаме по поголеми плати за поголем број наши сограѓани и повеќе пари во буџетот. Бенефитот од странските инвестиција не е да имате успешна политичка кампања или да се претставите како успешни политичари. Бенефитот е што повеќе наши сограѓани да добијат подобри плати. Во изминативе девет месеци воведовме квалитативно различен пристап во привлекување на инвестиции. Ако фокусот порано, на нашите претходници и политички опоненти бил насочен кон поголем бројот на работни места и колку тоа ќе го продадат како успех во јавноста, нашиот е поголеми плати и тоа не прави различни. Од она што го гледаме сега во инвестициските планови дури и кај постојните инвеститори кои сакаат да вложат во нови проекти имаме плати за 20 до 30 проценти поголеми, рече Деспотовски.
Очекува до крајот на годинава да продолжи трендот на раст на просечните плати во зоните, откако и минатата пандемиска година беше регистриран раст од 5,5 проценти, а беа задржани и сите работни места.
Најави и нова досега најголема инвестиција во земјава.
– Преговорите за досега највисоката инвестиција во земјава со вкупен обем од 100 милиони евра со германска компанија која е веќе активна во зоните се во завршна фаза. Тоа покажува дека деловната клима која ја наметна оваа влада и ТИРЗ, како и членството во НАТО и поинаквиот пристап влијаат врз тоа и постојните компании решаваат да инвестираат во нови фабрики. Воведовме нов начин на комбинирање на помошта и индивидуализирани пакети што не прави различни од другите. Покажавме дека знаеме да го искористиме потенцијалот на странските инвеститори, рече Деспотовски.
Појасни дека од тоа колку инвестициите ќе бидат квалитетни, ќе зависи и поддршката што државата ќе им ја дава на инвеститорите.
-Не може тој што дава 17 илјади денари, 30 илјади денари или бруто плата од 2000 евра да добие ист третман од страна на државата. Ќе му дадеме подобар третман на тој кој дава повеќе за државата и за граѓаните, подвлече директорот на ТИРЗ. с