Десничарската Народна партија во Шпанија на суд поради голема корупција

Процесот против поранешниот партиски благајник Луис Барсенас открива страшни шеми на корупција на двајца некогашни десничарски премиери
Судењето на клучната фигура во скандалот со нелегалното финансирање во која е вклучена шпанската десничарска Народна партија (ПП), започна во понеделникот, а обвинетиот вети целосно признание, што директно го вмешува поранешниот премиер.
Случајот се темели на систем на паралелно водење книговодство што го користеше ПП за управување со непријавени средства што ги водеше Луис Барсенас, главниот осомничен, кој беше партиски благајник меѓу 1990 и 2009 година.
Двајца поранешни премиери на ПП ќе сведочат на главниот претрес што беше отворен во понеделникот наутро во Националниот суд во Мадрид и ќе трае до мај.
Едниот е Маријано Рахој, кој беше премиер меѓу 2011-2018 и секогаш негираше какво било познавање на системот, иако Барсенас сведочеше дека бил „совршено свесен“ за тоа.
Хозе Марија Азнар, кој беше премиер на Шпанија меѓу 1996 и 2004 година, исто така ќе сведочи заедно со разни други поранешни врвни партиски функционери.
Само неколку дена пред отворањето на судењето, Барсенас испрати писмо до обвинителите во кое се изјаснува за неговата подготвеност да соработува со правосудниот систем во драматичен пресврт што додаде дополнителна драма во случајот што ја зафати земјата.
Во писмото тој рече: „Маријано Рахој беше совршен свесен за сите овие активности до тој степен што во 2009 година имавме состанок во неговата канцеларија на кој му покажав сметки за сметководствени фондови“.
Рахој, кој во тоа време беше лидер на опозицијата, потоа ги уништи „во машина за уништување хартија без да знае дека сум чувал копија“, напиша Барсенас.
Наводниот фонд, кој се напојуваше со донации од готовина од компанијата, работеше меѓу 1990 и 2008 година и се користеше за исплата на бонуси на партиски лидери, вклучително и Рахој, како и за реновирање на седиштето на партијата во Мадрид, рече Барсенас.
Детали за сметките се појавија во таканаречените „документи на Барсенас“ кои за првпат беа објавени од весникот „Ел Паис“ во 2013 година.

Во своето писмо, објавено во четвртокот, Барсенас рече дека сега е подготвен да разговара откако ПП не го испочитува договорот со кој тој ќе молчи сѐ додека е сигурендека неговата сопруга нема да оди во затвор.
Самиот Барсенас издржува 29-годишна затворска казна во врска со таканаречениот случај „Гуртел“, чиј центар беше огромен систем на мито даден на поранешни службеници на ПП во замена за сочни јавни договори помеѓу 1999 и 2005 година.
Неговата сопруга исто така беше осудена за нејзината улога во случајот и започна да издржува 12-годишна казна во декември.
Судскиот процес е во тежок момент за најголемата опозициска Народна партија, која во моментов води кампања пред регионалните избори во Каталонија в недела, бидејќи според анкетите, таа се соочува со лош резултат.
Претходно во понеделникот, лидерот на ПП, Пабло Касадо – кој ја презеде функцијата во 2018 година, откако Рахој беше принуден да си замине од местото премиер и шеф на партијата – рече дека не може да преземе одговорност за настаните што се случиле пред неговиот мандат. Таа ПП „повеќе не постои“, изјави тој за радиото Онда Серо. (АФП)