Десетти „Марш за ангелите“ во Кочани: Болката веќе не е тивка…
Семејствата на загинатите во трагичниот пожар што го зафати дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска точно во 18 часот и 5 минути го започнаа десеттиот „Марш за ангелите“. Маршот и годинава се реализираше по традиционалната рута – од Паркот на револуцијата, преку трговскиот центар, пред зградата на Општината, кон полициската станица и Основниот суд и обвинителството во Кочани.
„Министре Тошковски, сѐ уште ни должите одговор како е можно полицијата да прави акциска контрола во објект кој воопшто не смеел да работи, немал ни лиценца, ни дозвола“, беше едно од прашањата кои ги прочита мајка на загинато дете.
Родителите посочија дека се прави и притисок врз сведоци со цел да се сокрие фактот дека била затворена вратата во дискотеката Пулс од страна на полицијата и наместо децата да бидат спроведени надвор тие биле враќани назад од полицијаците кои според тврдењето на родителите први избегале!
На 19 јуни, во Кочани, родителите имаа затворена средба со обвинители, по минатонеделното образложение на обвинителниот акт за трагедијата кое го даде јавниот обвинтел Љупчо Коцевски, а за што на минатиот 10. „Марш за ангелите“ родителите нагласија дека не ги разбрале наводите. Тие бараат одговори и објаснување од надлежните кај кого е лоцирана одговорноста за трагедијата како и поконкретни информации за постапката и покренатото обвиниение против 34 физички и три правни лица за кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“.
В. д. градоначалникот на Кочани Венко Крстевски синоќа во видео на Фејсбук во кое седнува во пицерија која се наоѓа во станбен објект и е дивоградба, и укажува дека се пуши во затворен простор, има приклучок за струја во објект кој е дивоградба, има само еден тоалет и за мажи и за жени, и има две кујни како посебни објекти, од кои едната нема тоалет. Крстевски повторно повика повеќе институции, како Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот пазарен инспекторат, ЕВН, да постапуваат согласно пријавите за дивоградби.
Пред една недела, премиерот Христијан Мицкоски им ја префрли на граѓаните одлуката за тоа дали има политичка одговорност тој и неговата влада за трагедијата во Кочани. Тоа ќе зависело од исходот на локалните избори.