Десет божиќни традиции во Белгија
Божиќните празници во Белгија се чествуваат на различни начини во зависност од регионот и областа, но сепак независно дали е тоа во холандофонската Фландрија или франкофонската Валонија, постојат традиционални прослави кои го комбинираат заедничкото наследство со уникатните локални карактеристики.
1. Божиќни панаѓури
Божиќните панаѓури е најзначајната традиција низ Белгија, кои ги оживуваат градовите и населените места со празнични светилки и дрвени штандови.
Во Валонија, најпознати се панаѓурите во Лиеж и Монс, карактеристични со нивниот пријатен рустикален амбиент и понудата на рачно изработени производи.
Во Фландрија, приматот го држат панаѓурите во Бриж, Антверпен и Гент, каде празничниот шарм се комбинира со средновековната градска архитектура.
Панаѓурот во Брисел, Зимски чуда, пак, го одразува двојазичниот идентитет на градот, нудејќи празнични прослави и забава и на холандски и на француски и традиции од двата дела на Белгија. Посетителите на панаѓурите можат да уживаат во варено вино, белгиски вафли и локални деликатеси.
2. Бадникова вечера
Бадник најзначајниот празник во текот на божиќните чествувања во Белгија. Тој се прославува различно од регион до регион, но заедничко за сите чествувања е традиционалната бадникова вечера.
Вообичаени предјадења на секоја бадникова вечера се домашно произведена паштета, чаден лосос, остриги и супи.
Главното јадење го сочинуваат полнета печена мисирка, фазан или гуска, а во некои делови од Белгија се преферира дивеч, пред се дива свиња. Месото вообичаено е гарнирано со зеленчук, како боранија, зеље, пашканат или компири подготвени на различен начин.
За десерт традиционално се послужува божиќен ролат со крем од чоколадо и костени или чизкејк.
Јадењата се „заливаат“ со вино или божиќно пиво, а на крајот на оброкот многу често се служи и топло чоколадо.
3. Полноќна миса
Повеќевековна традиција меѓу католичките заедници во Белгија е присуството на полноќната миса по бадниковата вечера.
На мисата се пеат црковни песни со кои се слави Исусовото раѓање, но и се упатуваат благослови за семејна благосостојба.
По мисата, вообичаено семејствата ги продолжуваат чествувањата во своите домови со слатки или други закуски што траат до доцна во ноќта.
4. Дедо Мраз
За делење на божиќните подароци за децата е „задолжен“ Дедо Мраз, кој во франкофонските делови на Белгија се нарекува Пер Ноел, а во холандските – Керстман. Во Белгија, Дедо Мраз не се меша со Свети Никола, кој се чествува на 6 декември.
Валонските деца му пишуваат писма на Пер Ноел со желби за подароците што сакаат да ги добијат, а тој потоа „им ги остава“ под елката во текот на ноќта меѓу Бадник и Божик. Слична традиција постои и во Фландрија, каде децата му пишуваат на Керстман, но во овие делови на Белгија делењето подароци повеќе се врзува со чествувањето на Денот на Свети Никола.
На овој начин Белгијците имаат изградено двојна традиција на уникатно преклопување, при што Свети Никола се чествува како светител, додека Дедо Мраз како личност која се врзува со Бадник и Божик.
5. Новогодишни елки
Како и во многу европски земји така и во Белгија новогодишната елка има централна улога во божиќниот празничен декор. Елките вообичаено се китат во првата недела од декември и се чуваат до Богојавление по Грегоријанскиот календар, односно до 6 јануари.
Традиционално во Белгија најпопуларни за китење се природните елки, но последниве години тие се повеќе „им отстапуваат простор“ на пластичните елки.
Покрај по домовите, новогодишни елки се китат и на градските плоштади, при што култна е елката на бриселскиот плоштад Гран Плаз.
6. Сцени на Христовото раѓање
Поставувањето на сцени со фрагменти од Христовото раѓање е уште една од божиќните традиции во Белгија. Вакви сцени со фигури од Светото семејство, тројцата мудреци, овчарите и животните можат да се најдат во многу домови и цркви.
Во некои делови од Белгија фигурите во сцените на Христовото раѓање се облечени во локални носии, а во целиот амбиент е вклучена и локалната архитектура.
Оваа традиција се толкува како одраз на католичкото наследство на Белгија.
7. Празнични задоволства и десерти
Белгијците се љубители на кондиторски производи, што особено доаѓа до израз за време на Божиќ. Така, традиционално, особено во Валонија, се прави бриош во форма на бебето Исус, кој често се служи со топло чоколадо или кафе.
Неизбежно за божиќните празници е и познатото белгиско чоколадо, од кои се изработени фигури во различни форми како елки, снегулки, Дедо Мраз, Свети Никола, ѕвончиња, ѕвезди…
8. Празнични пијалаци
Топлите пијалаци, како што се топлото чоколадо и вареното вино, се традиционални напитоци во текот сезоната на божиќните празници низ Белгија, но тука се и специјалните божиќни пива.
Топлото чоколадо се прави само од темно или млечно белгиско чоколадо, кое се потопува и се растопува во врело млеко и по желба може да се прелие со шлаг или бел слез.
Кога станува збор за вареното вино, тоа во франкофонските делови на Белгија е по правило поблаго, додека во Фландрија е појако.
Специјалните божиќни пива, како „Делириум Ноел“ и „Сент Бернардус Кристмас Але“, се произведуваат само за божиќните празници и можат да се нарачаат во угостителските објекти или да се купат во маркетите во текот на декември.
9. Адвент
Периодот од 1 до 24 декември е време на Адвентот, кога се одбројуваат деновите до Божиќ, при што со секој изминат ден на децата им се даваат чоколада, бонбони или помали играчки.
Многу белгиски семејства изработуваат и Адвентски венци, кои содржат четири свеќи како симболи за надежта, мирот, радоста и љубовата и секоја од нив се пали во текот на одбројувањето до Божик.
10. Празнични паради и концерти
Празничната атмосфера пред Божиќ е видлива во сите градови и населени места низ Белгија. Во пресрет на празникот се организираат божиќни концерти, често со хорски настапи, и паради, а градовите се осветлени со разнобојни светилки.