Ден што го промени светот: САД и светот ја одбележуваат 20-годишнината од терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон


Во нападите со киднапираните патнички авиони врз зградата на Пентагон, како и њујоршките кули на Светскиот трговски центар загинаа речиси 3.000 луѓе. Многумина се потсетуваат на трагичните настани. 

„Се уште сум тука, момци. Се уште сум тука“, рече Том Канаван во Њујорк во 2001 година. „Голема експлозија. Се симнав по скалите. Се беше во ред додека не стигнавме до подрумот и се само се сруши. Бев заробен долу со друг маж. Чувствував удари во главата, фрлајќи ме наоколу, но е извлековме“, вели тој 20 години подоцна. Раните се уште се свежи.

„Мислам дека тоа се случи утрово. Секојдневно е. Нема ден да не размислувам за нешто од тој ден, било за луѓето, за звукот, за авионот што лета ниско. Секојдневно гледате вести, што се случува во светот. Никогаш нема да помине. Се помирив со тоа. Луѓето ја користат фразата – надминете ја. Тоа не е нешто што го надминувате. Научете како да се справите со тоа“, рече тој во Њујорк во 2021 година.

Синди Мекгинти, сопруга на жртвата на нападот, рече: „Луѓето не сфаќаат дека се акумулира. Тага. Тоа не те остава. Постојат работи што ја активираат. Луѓето често ми велат: добро, поминаа 20 години. Но, тоа никогаш не те напушта “.

„Се надевам дека во одреден момент семејствата на 11 септември ќе го добијат она што го заслужуваме, мир и крај“, рече Кристен Брајтвајзер, сопруга на жртва од нападот.

Американскиот претседател Џо Бајден повика на национално единство по повод 20 – годишнината од терористичките напади на 11 септември 2001 година во САД.

Во видео запис во Белата куќа, објавен и на Твитер, Бајден им оддаде почит на загинатите во нападите и илјадниците повредени, како и пожарникарите, медицинските сестри и многу други кои загинаа или ризикуваа за време на спасувачките мисии и долгиот пат до закрепнување.

Тој исто така спомена дека „мрачните сили на човечката природа – стравот и гневот, огорченоста и насилството против муслиманските Американци, вистински и верни следбеници на мирољубивата религија“ го нарушија, но не го скршија американското единство.

„Според мене, ова е централната лекција за 11 септември, дека кога сме најранливи, во потиснување на се она што не прави луѓе и во битката за душата на Америка, единството е нашата најголема сила“, рече Бајден, додавајќи дека „единството не значи дека мора да веруваме во иста работа“.

„Мора да имаме фундаментална почит и верба еден во друг, и во оваа нација”, истакна Бајден.

Британскиот премиер  Борис Џонсон, истакна дека нападите на Ал Каеда врз Соединетите држави на 11 септември 2001 година, не ги поделија оние што веруваат во слобода и демократија.

„Иако терористите го наметнаа својот товар на тага и страдање, и додека заканата продолжува и денес, сега можеме да кажеме со 20-годишна перспектива дека не успеале да ја разнишаат нашата верба во слобода и демократија“, рече Џонсон во видео порака, објави Ројтерс.

Џонсон додава дека терористите не успеале да ги разделат нациите или да ги наведат да ги напуштат своите вредности и да живеат во постојан страв. Пораката ќе биде објавена на настан што ќе се одржи во Олимпискиот парк во Лондон, каде што има спомен -скулптура направена од челик спасена од урнатите кули на Светскиот трговски центар.

Тој ја поврза годишнината од 11 септември со неодамнешното враќање на талибанската влада во Авганистан по повлекувањето на американските, британските и другите сили на НАТО.

„Неодамнешните настани во Авганистан само ја зајакнуваат нашата решеност да се сеќаваме на оние што беа земени од нас, да се грижиме за преживеаните и оние што се уште тагуваат и да се држиме цврсто за нашата верба во слобода и демократија, која секогаш ќе го надмине секој непријател“, рече тој.