Делегацијата на германското стопанство ќе има нов директор, на местото на Герт Рабов доаѓа Антје Ванделт


Герт Рабов

Директорот на Делегацијата на германското стопанство, Герт Рабов, денеска најави дека на крајот на месец април функцијата ќе ја предаде на неговиот следбеник Антје Ванделт.

„Многу сум среќен за укажаната можност да бидам дел од Делегацијата во изминатите четири месеци. Во овој период имав можност да се запознам со дел од компаниите кои се од особена важност во градењето за македонско германската економска соработка“, вели Рабов во Утринската телеграма, една од формите преку која Делегацијата комуницира со медиумите.

Тој се заблагодари на Управниот одбор на Македонско-Германското стопанско здружение за конструктивната соработка во изминатите месеци.

„Веќе во мај мојата функција директор на Делегацијата ќе ја преземе Антје Ванделт. И посакувам успех во работата и се надевам дека ќе го искуси истиот позитивен дух кој мене ме дочека во соработката со тимот“, вели Рабов.

Тој на чело на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија дојде на почетокот на годинава, како вршител на должност, на местото на долгогодишниот директор на оваа асоцијација Патрик Мартенс.

Рабов инаку работи во мрежата на Германските стопански комори повеќе од 20 години, и повеќето од нив ги поминал работејќи во Азија.