Данското претседателство со ЕУ предлага построги мерки за онлајн заштита за малолетниците


На неформалниот состанок на министрите за телекомуникации на земјите членки на Европската Унија, предвиден за 9 и 10 октомври во данскиот град Хоресенс, Данска во својство на претседавач со Советот на ЕУ ќе предложи пакет мерки за подобра заштита на малолетниците во дигиталниот свет, а пред се на социјалните мрежи. 

Мерките се во рамки на приоритетите на Данското претседателство со ЕУ за поголема онлајн безбедност, и пред се за заштита на малолетниците во дигиталниот простор.  

Од тој аспект со планот се предвидува проверката на возраста на онлајн корисниците да не им се препушта на платформите на социјалните мрежи, туку тоа да се регулира на ниво на ЕУ, а се предлагаат и дополнителни мерки за заштита на децата и за зајакнување на дигиталниот суверенитет. 

Целта на овие мерки да се обезбеди дека децата нема да можат да пристапат до одредени платформи за чии содржини не се доволно возрасни, како и да се намали нивната изложеност на штетни влијанија дизајни да предизвикуваат зависност. 

Според Данското претседателство со ЕУ, треба да се искористи актуелниот политички моментум за да се обезбеди онлајн заштита на малолетниците и да и се дадат насоки на Европската комисија во подготовката на најавениот Закон за дигитална праведност. 

За таа цел се предвидува од состанокот да произлезе заедничка министерска изјава, насловена  „Јитландската декларација: Создавање на безбеден онлајн свет за малолетници“, во која се очекува да се истакне потребата од понатамошни мерки на ниво на ЕУ со цел онлајн просторот да се направи побезбеден за децата. 

Построгите мерки за ограничувања на социјалните медиуми ги поддржа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во обраќањето за „Состојбата на Унијата“ пред Европарламентот предупреди дека сеприсутното „цунами на големи технолошки компании“ претставува закана за децата, кои мора да бидат подобро заштитени од малтретирање, порнографски материјали и содржини за самоповредување што циркулираат онлајн. 

Таа се заложи за преиспитување на пристапот на малолетниците до социјалните медиуми и за построги ограничувања за пристапување на децата до социјалните медиуми и најави организирање на панел од експерти, кои би ја советувале Европската комисија за користењето на социјалните мрежи од страна на децата.  

– Родителите се соочуваат со цунами од големи технолошки компании што ги поплавуваат нивните семејни домови. Европа верува во родителите, но не во профитот, порача Фон дер Лајен. 

Европската комисија уште во 2023 година најави дека онлајн безбедноста на децата е нејзин приоритет при спроведување на надзорот врз поголемите интернет платформи, а неодамна издаде и Упатства за технолошките компании за заштита на малолетници, изработени врз основа на Законот за дигитални услуги на ЕУ.