Данела Арсовска му поднесе кривична пријава на Ганиу

Напаѓачот на градоначалничката Арсовска, таканаречениот командант Барути е зад решетки во притворското одделение во Шутка. Кривичниот суд по жалбата на јавното обвинителство ја корегија својата првична одлука, па домашниот му го замени со ефективен притвор.
„Имено, С.Љ. осомничен за кривичното дело Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 од КЗ, а поврзано со нападот на градоначалничката на Град Скопје, кој на 12.07.2025 год. беше спроведен во судот, првично му беше определена мерка куќен притвор. Но, советот смета дека опстојуваат околностите од чл.470 ст.1 т. 1 и 2 од ЗКП односно Опасност од бегство и Околности кои оправдуваат дека може да го повтори делото, па заради тоа му определи мерка притвор во скратена постапка“, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Во меѓувреме првиот човек на Чаир и неколку вработени од општината добија кривична од Арсовска. Во пријавата поднесена до Основното јавно обивнителство за организиран кирминал и корупција, се наведува дека во општината се користи фалсификувана деловна книга, во која се воделе барања за легализации на дивоградби.
Од Обвинителството за ТВ 24, потврдија дека кривичната од Град Скопје до нив е поднесена утринава, за истата ќе се оформи предмет и ќе се одреде обвинител кој ќе го води случајот.
Во кривичната пријава, се наведува дека граѓаните кои навремено поднесувале барања да легализираат балкони или делови од куќи од општината биле одбивани. Но, нивното бројче за легализација било злоупотребено за легализација на други дивоградби изградени 10 години по носењето на Законот за легализација на дивоградби.
Арсовска за ТВ 24 вели дека се работи за сериозни докази за сторени кривични дела. Го повика обвинителството итно и неодоложно да постапи согласно своите надлежности.
„Непостапувањето и непокренувањето обвинителен акт за небезбедните згради кои лицата Висар Ганиу, Ејуп Адеми и нивната организирана банда во Општина Чаир овозможиле со фалсификати незаконски да се градат, ќе креираат сериозен преседан, со кој нема да може да се гони во Република Македонија никој кој направил слично или исто кривично дело, кое во моментов е утврдено со сериозни казни во Кривичниот законик и за кои дела други лица сеуште служат казни затвор. Очекуваме постапување во најкраток можен рок, со цел заштита на јавниот интерес, правото и законитоста“, изјави Арсовска.
Арсовска е под 24 часовна полициска заштита откако минатата недела беше нападната додека беше на увид на една од дивиоградбите во Чаир.