Данците ќе ги испраќаат затворениците во Косово


Владата во Приштина го усвои предлог-законот за потврдување на договорот со Данска за користење на Казнено-поправниот дом во Гњилане за издржување затворски казни на дански државјани. Одлуката за отстапување на користење на затворските установи во Гњилане, Владата ја донесе на електронска седница, која, кога конечно ќе биде усвоена, ќе овозможи да се намали притисокот врз данскиот казнено-поправен систем и да се обезбедат соодветни услови за затворениците во земјата.

Министрите за правда го потпишаа договорот на 26 април 2022 година во Приштина и на 16 мај 2022 година во Копенхаген. Во декември 2021 година беше потпишано писмо за согласност за трансфер на 300 затвореници од Данска во Гњилане.

Во април 2022 година, документот беше трансформиран во Договор, според кој беше планирано да се изврши трансфер на затвореници на почетокот на 2023 година.

Договорот со Данска е закажан за десет години. За користење на индивидуални и заеднички ќелии, Данска на властите во Приштина ќе им плати 200 милиони евра. Од таа сума, 30 милиони се планирани за обновливи извори на енергија, а остатокот се за инвестиции во Казнено-поправната служба.

Според Договорот, Данска нема да испраќа затвореници осудени за терористички акти, воени злосторства и затвореници со дијагноза на сериозни ментални нарушувања за кои е потребна медицинска нега надвор од затворот.

Раководителите и чуварите во затворот во Гњилане ќе бидат од Данска и локалната поправна служба.

Властите во Данска претходно објавија дека нивниот затворски капацитет е 100 отсто исполнет, што значи дека состојбата е алармантна, бидејќи бројот на затвореници е зголемен за речиси 20 отсто од 2015 година.