Дали се точни тврдењата на Русија за ракетите „Точка-У“?
Русија го негираше нападот на железничката станица Краматорск и тврди дека фрагментите од проектилот пронајдени во близина се од тактички проектил „Точка-У“ кој „се користи само од украинските вооружени сили“.
Руското министерство за одбрана објави дека престанало да го распоредува оружјето во 2019 година во корист на помодерните ракети „Искандер-М,“ јавуваат руските медиуми.
Украинскиот гувернер на Донецк, сепак, ја обвини руската војска дека ги користи „Точка-У“ за да активира касетни бомби во нападот на Краматорск.
Маниша Гангули, истражувачка новинарка за Светскиот сервис на Би-Би-Си, ги истражуваше тврдењата на Русија и верува дека тие не се совпаѓаат.
Таа вели дека има докази оти Русија користела тактички проектили „Точка-У“ на 24 февруари за време на напад врз болница во Вуледар, Донецка област, во кој загинаа четворица цивили, а 10 беа ранети.
Ракетен истражувач на Амнести интернешнал, кој ги анализирал фотографиите од остатоците од оружјето поврзани со инцидентот, утврди дека „во нападот била користена балистичка ракета ‘9М79 Точка’“.
Овие оружја се крајно неточни, редовно ги промашуваат своите цели за половина километар или повеќе, соопшти Амнести интернешенел.
Ракетите „Точка“ беа користени и на 19 март во Луганск, според украинското Министерство за одбрана. Украинската војска соопшти дека соборила еден од овие проектили со нивниот систем за противвоздушна одбрана.
Според ракетниот експерт Н.Р. Џензен-Џонс, сите ракети „Точка“ доаѓаат од стар советски арсенал.
„Сите проектили 9M79-1 беа составени од фабриката во Воткинск во Република Удмурт [во Русија], почнувајќи од советската ера“, вели тој.