Дали „каналот на комуникација“ за изборите ќе заврши во ќор-сокак?


Изгледите да се дојде до компримис изгледаат помали отколку што се чинеше. СДСМ останува цврсто на позицијата на гласање да се оди пред почетокот на летото, додека од ВМРО-ДПМНЕ навестуваат дека тие би се согласиле изборите да бидат среде одморите

 

Изгледите да се дојде до некаков компромис околу датумот на изборите се многу помали отколку што се навестуваше последниве неколку дена. Така што е многу веројатно дека „каналот на комуникација“, што го спомена лидерот на опозицијата пред неколку дена, може да заврши во ќор-сокак. Додека претставниците на двете најголеми партии секоја вечер во гостувањата на телевизиите докажуваат кој повеќе се грижи за здравјето на граѓаните и иднината на државата, разговорите зад сцената повеќе ги нагласуваат разликите отколку шансите за компромис.

Ниеден од оние датуми што се споменуваше претходните две-три недели не изгледа сигурен како место каде што можат да се сретнат двете партии, дури сите тие сега изгледаат многу подалечни. Последната наводна варијанта дека ВМРО-ДПМНЕ понудила на избори да се оди кон крајот на јули (се разбира, со нормализирање на стапката на новите инфекции во некакви подносливи рамки) изгледа дека во СДСМ наишла на целосно одбивање. Без да го прецизираат можниот предложен датум, од СДСМ велат дека избори среде лето, кога партиите ќе ги принудат граѓаните да останат дома наместо да заминат на одмор, нема да прифатат. Оттаму велат дека избори среде лето го ставаат во конфликт правото на глас и правото на одмор. СДСМ не е ниту за проектирање на избори на есен поради тоа што Светската здравствена организација веќе објави дека корона вирусот ќе дојде повторно кон крајот на летото или веднаш по него. Тие велат дека сакаат договор, но не по цена на загрозување на функционалноста на институциите. Нивните црвени линии биле заштита на државата и сигурност на граѓаните. Тие црвени линии се исцртани за датум во втората половина на јуни, веројатно 28.

Во оваа пат позиција кризниот штаб на Владата, заедно со членовите на Комисијата за заразни болести, денеска, како што најави вицепремиерот Бујар Османи, ќе анализира дали има потреба да се бара од шефот на државата уште едно продолжување на вонредната состојба. Доколку Владата се реши на уште еден таков чекор, тогаш утре последниот збор ќе го има претседателот Стево Пендаровски, кој истиот ден кога истекува неговата трета одлука за прогласување вонредната состојба закажа и нова седница на Советот за безбедност.

Иако вонредната состојба е прогласена поради епидемијата со Ковид-19, премиерот Оливер Спасовски во неколку наврати посочи дека евентуалното нејзино продолжување би било поради имплементација на економските мерки. Сепак, иако и Спасовски, но и Пендаровски изјавуваа дека вонредната состојба не е поврзана со изборите, освен што по нејзиното завршување треба да течат изборните дејствија што беа замрзнати со Уредба на Владата, евентуалното продолжување на вонредната состојба, во секој случај, ќе значи елиминација на 21 јуни како можен изборен термин. По тој „образец“ пред две седмици од комбинација испадна 14 јуни – датумот што отворено го предложи лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски, во синоќешното гостување на ТВ 21 прогнозираше дека веројатно ќе се воведе уште една вонредна состојба, за потоа да се испегла изборниот датум. Но, иако 5 јули се погласно се спомнува како компромисно решение за изборите, односно како решение до кое би се дошло со нови 14 дена вонредна состојба, Фрчкоски смета гласањето би се реализирало кон средината на јули. Наспроти тоа, вицепремиерката Радмила Шекеринска изјави вчера дека се потребни избори пред почетокот на летните месеци, веројатно алудирајќи на последните две седмици од јуни.

Во случај да не се оди на продолжување на вонредната состојба, со оглед  на тоа што веќе се укинати повеќето рестрикции што беа воведени од почетокот на здравствената криза и почна  процесот на „враќање во новата нормалност“, тогаш една од варијантите е да се оди на избори на 21 јуни, со што владејачките партии би ризикувале опозициски бојкот. Останува и можноста во последен момент да се смени Уредбата за изборите, така што би се предвиделе дополнителни рокови за ажурирање на избирачкиот список и на тој начин би се пролонгирал периодот од 22 дена за завршување на изборните дејствија. Третата варијанта е претседателот на парламентот да потпише ново решение со кое ќе го одреди новиот изборен датум, доколку се согласи на тоа, наспроти неговите досегашни тврдења дека веќе нема мандат да презема дејствија затоа што парламентот е распуштен.

Без функционално Собрание и со техничка Влада, Северна Македонија ја чека и преговарачката рамка со ЕУ, како што претходно ги дочека  членството во НАТО и одлуката за старт на преговорите. Во тој контекст, потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, во гостување  на Алсат, рече дека, со оглед на најавите на еврокомесарот Оливер Вархеи дека околу 15 јуни ќе ја добиеме преговарачката рамка и ќе треба да се закаже првата меѓувладина конференција, државата не може уште долго да си дозволи да биде без парламент и без политичка влада. МИА, пак, пренесува оценки на неименувани функционери на ЕУ дека е разумно да се размислува за избори, затоа што државата не може вечно да функционира со техничка влада. Посебно со оглед на фактот дека од јуни проширувањето ќе се врати на дневниот ред на Унијата, со објавувањето на преговарачките рамки за Северна Македонија и за Албанија. (Н.В.)