Да се организираме или да се бориме? По три години во егзил, белоруската опозиција е поделена по кој пат да тргне


Специјални полициски сили ги блокираат демонстраните кои се обидуваат да влезат во парламентот во Минск на 19 декември 2010 година (Фото: АП)

Павел Мариуски (33) беше мировен активист, кој никогаш не носел оружје кога побегна од својата родна Белорусија по задушувањето на протестите, што следеа по изборите пред три години, против претседателот Александар Лукашенко.

Минатата година, кога Русија ја нападна Украина, тој се почувствува повикан да се бори и се приклучи на белоруската волонтерска единица, која се бори на фронтот на страна на Украина.

„На почетокот размислував за Украина, за Украинците и како да го заштитам животот“, изјави тој за Ројтерс во Полска. Потоа помислив на Белорусија“, додаде Мариуски.

Ако Русија загуби, може да дојде до промена и во Белорусија. И неговите колеги ветерани од конфликтот во Украина сигурно ќе играат улога во борбата за сопствената земја.

„Ова го гледам како можност за нас Белорусите да се вратиме дома“, рече тој.

На третата годишнина од изборите на кои нејзините следбеници веруваат дека победила, лидерката на белоруската опозиција Светлана Тихановскаја (40) ги има сите можности за иден лидер – кабинет во егзил, дипломатски претставништва, редовни средби со високи функционери на западните земји.

Имајќи предвид дека речиси целата белоруска опозиција е во затвор или во егзил, ова не е мал подвиг. Опозицијата е разновидна и расфрлана, веројатно брои неколку илјади од 100.000 луѓе за кои се верува дека ја напуштиле земјата во изминатите три години, со политички ставови кои се движат од либерализам до национализам.

Обединети во гневот

Многу од нив се соочуваат со долги казни во отсуство доколку се вратат во Белорусија. Ројтерс разговараше со повеќе од 20 опозициски фигури за да го процени нивното расположение три години по изборите што предизвикаа репресии. Повеќето од нив не гледаат начин за брза победа над лидерот кој е на власт речиси 30 години.

Тие се поделени во тактиката, но обединети од нивниот гнев поради континуираното владеење на Лукашенко, неговото затворање и тортура врз илјадници противници и неговиот близок сојуз со Русија, за кој велат дека го отфрла и го поништува суверенитетот на Белорусија.

„Успеавме да го зачуваме единството на демократските сили и да ги реструктуираме, односно да создадеме нови тела и да ја одржиме соработката меѓу политичките сили и граѓанските иницијативи“, изјави Тихановскаја од Литванија, во минатонеделното интервјуто за Ројтерс, реализирано преку платформата Зум.

Таа сè уште има надеж дека еден ден дури и ќе започне дијалог со функционерите кои сè уште и служат на владата во Минск. „Можеби некои од нив ќе имаат доволно здрав разум и ќе разберат дека Лукашенко никаде не ја води Белорусија, дека го продава нашиот суверенитет“, рече таа.

Станислава Глиник, чиј дедо беше првиот постсоветски шеф на Белорусија до поразот на последните конкурентни избори од Лукашенко во 1994 година, сега е дел од телото наречено Координативен совет, кое е мрежа на групи на граѓанското општество.

„Ова повеќе не е опозиција, ова е вистинска влада во егзил“, изјави таа за Ројтерс, седејќи во барот Карма во Варшава, кој претходно се наоѓаше во Минск.

Опозициските групи сега имаат повеќе од 20 алтернативни амбасади, конзулати или информативни центри за Белорусите во странство и раководат со најмалку две разузнавачки структури кои се обидуваат да влијаат на настаните во Белорусија.

Активистите им помагаат на Белорусите да избегаат во странство, хакерите развиваат програми кои овозможуваат безбедна комуникација внатре во Белорусија, а некои групи ја следат локацијата на војниците во земјата.

Покрај таков мал, но растечки број на активисти од кои многумина имаат борбено искуство во Украина, велат дека е време да се обучуваат за вистинска борба.

На конференцијата во Полска минатата недела, некои од најгласните овации беа упатени кон украинскиот борбен ветеран Павел Кухта, кој одржа жесток говор во кој ги осуди членовите на партијата на Тихановскаја што не направија доволно за да организираат вооружен отпор.

Сергеј Кедишко (47), кој раководи со група од околу 200 луѓе кои се обучуваат за борбени операции во Полска и во Литванија, се согласи дека опозицијата треба да стекне поголеми воени способности.

„Кога има какви било воени операции, кога е неопходно да се дејствува многу брзо и ефективно, белоруската опозиција секогаш заостанува, па ние губиме“, рече тој.

Пред шест недели, имаше краток зрак надеж за белоруската опозиција кога руската платеничка компанија „Вагнер“ почна бунт во Русија.

Во екот на метежот, додека борците на „Вагнер“ маршираа кон Москва, Тихановскаја на Твитер напиша дека „создава единствен оперативен штаб“ кој ќе ги „координира нашите акции во овој критичен момент“.

Бидејќи спонзорите на Лукашенко се заплашени од Кремљ, тој одеднаш е послаб од кога било, рече таа.

Меѓутоа, за неколку часа, самиот Лукашенко помогна да се стави крај на бунтот во Русија со тоа што организираше борците на „Вагнер“ да се преселат во Белорусија. Неколку недели подоцна, стотици закоравени борци пристигнаа во земјата. Оптимизмот на опозицијата брзо избледе.

Која точно улога ќе имаат борците на „Вагнер“ во Белорусија никому не му е јасно, но за опозицијата ништо добро не може да излезе од ова, рече Кедишко.

„Ситуацијата се влошува“, додаде тој.

(Ројтерс)