Цветанов доби функција, а Зиков втора шанса во МЕПСО


Сашо Василевски, околу кој деновиве се развива случајот со станот што го купил од фирма која е под истрага на СЈО, минатата недела беше разрешен од директорската позиција во МЕПСО, по препорака на Владата до надзорниот одбор на компанијата. МЕПСО беше можеби единственото акционерско друштво во државна сопственост во кое, во текот на „чистката“ на третиот ешалон на власта, е разрешен и целиот управен одбор.

На завчерашната седница на Владата, пак, кога повторно се најдоа на дневен ред кадровски прашања, поточно пополнување на испразнетите функционерски места во третиот ешалон, изостана препорака за именување нови членови на УО на МЕПСО од чии редови треба да биде и новиот прв човек на компанијата. Затоа, пак, медиумите објавија дека новинарот и директор на неделникот „Капитал“, Љупчо Зиков, две години подоцна, е предложен повторно за директор за финансии во ова АД. Овој пат се очекува тој да ја прифати понудата, што ја одби во август 2017 година (набрзо по смената на власта), кога заедно со Василевски беа „номинирани“ за генерален директор и за директор за финансии. Тогаш, оваа вест предизвика многу реакции во јавноста, а особено во кругови на СДСМ затоа што Василевски своевремено беше кадар на НСДП, во периодот на коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, по што се „одметна“ и важеше за човек од доверба на претходната владејачка гарнитура. За Зиков, пак, како спорно се спомнуваше тоа што едно време беше на чело на сега веќе неактивната Алијанса за подобра Македонија – партијата што ја формираше со бизнисменот Минчо Јорданов и со поранешниот премиер Владо Бучковски, по неговото исклучување од СДСМ.

Сега Василевски заминува од челната позиција во МЕПСО, додека Зиков, кој тогаш се откажа од директорската позиција, влегува во раководството на компанијата. Неговото име е едно од попознатите меѓу идните директори, иако не се најде на подолгиот список на нови именувања на последната владина седница, со оглед на тоа што процедурата за избор на раководни места во МЕПСО оди преку управните органи на компанијата.

Владата во средата донела одлуки за именување на четириесетина нови директори и членови на управни и на надзорни одбори и за неколку разрешувања, за разлика од минатата седмица кога од функциите беа разрешени близу 70 раководители. Меѓу новите функционери нема многу познати имиња, а првиот впечаток е дека овој пат им е дадена предност на кадри од помалите партии што се во коалиција со СДСМ. Своевидно изненадување е именувањето на Ване Цветанов, некогашен директор на Агенцијата за спречување перење пари (сега Управа за финансиско разузнавање), кој своевремено дојде во судир со претходната владејачка гарнитура, а потоа беше опфатен со случајот „Шпион“. Цветанов е именуван за в.д. претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата. Од таа функција минатата седмица беше разрешен Премтим Исени.

В.д. директор доби и Државниот архив. По разрешувањето на Кирил Петров, за директор е именуван Емил Крстевски од редовите на ДОМ, поранешен новинар и советник во Собранието. Арбен Вила е поставен за в.д. директор на Агенција за странски инвестиции, а Пајазит Лика за в.д. заменик-директор на Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, додека Армир Садики доаѓа за в.д. директор на Бирото за јавни набавки. На овие функции претходно беа Вулнет Адеми, Асип Усеини и Бардул Насифи. Исто така, на последната владина седница, Милутин Станиќ е разрешен од директор на Управа за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, а на негово место е именувана Славица Тодорова.

Во соопштението од владината седница нема образложенија за новите именувања ниту податоци за квалификациите на именуваните функционери: Минатата недела, пак, премиерот Зоран Заев на прес-конференција објави дека се менуваат неколку десетици функционери во рамки на кадровските промени што тој ги најави кон крајот на април годинава, односно меѓу двата круга од претседателските избори. Разрешувањата во третиот ешалон, всушност, беа втора етапа од т.н. „метла“ – по „проветрувањето“ на Владата. Образложението на премиерот за разрешувањата на директорите, на двегодишнината од формирањето на оваа влада, беше дека некои од причините за смената на функционерите се: нереализација на капитални инвестиции, блокирање на процеси, замерки од меѓународните институции за одредени процеси, недоволната транспарентност или недоволното почитување на заклучоците и упатства на Владата, некогаш послабиот менаџмент за финансиско стабилизирање и зајакнување на институциите. (А.М.М.)