ЦУК: Ветрот дополнително ја влошува состојбата со пожарите
Силниот ветар не дозволува пожарите кои се активни на териотрија на цела Македонија да се изгаснат, а пожарникарите со сите расположливи сили се трудат да ги локализираат и тие да не бидат закана за имотот и животот на луѓето.
– И за денеска се најавува силен ветар со брзина од 70 км/ч. Тоа енормно ја зголемува опасноста од пожарите и ги разгорува. Многу е тешко во такви услови, пожарот да се стави под контрола – изјави денеска Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи.
– Во десетина општини во помал или поголем обем активни се пожари на кои активно се делува со сите расположиви сили – додава тој.
Најкритични се пожарите на територијата на Општините Делчево, Пехчево и Берово, каде делуваат три хеликоптери.
– Нов пожар се заканува во атарот на селото Робово кај Берово. Во текот на ноќта постоеше опасност пожарот од Свети Николе да се префрли во правец на Штип, но бил локалзииран. Но, од утрово, поради силниот ветер, постои опасност од ширење на пожарот кон Карбинци – вели Стојановски.
Во Прилеп активни се пожарите кај Топлица, Ракле и Никодин каде се испратени голем број пешадиски сили на АРМ. Активен е и пожарот кај Молане.
Во Општина Куманово кај Бељаковце делува еден хеликоптер. Тука е активен пожарот од вчера и делуваат повеќе од 80 војници и пожарникари. Се очекува во текот на денот овој пожар да биде ставен под контрола.
Во Општините Ранковце и Крива Паланка активен е еден пожар каде се испратени дополнителни сили од 60 војници. Во Валандово активен е помал пожар кој е под контрола.
– Вчера на територијата на Скопје имаше 18 пожари, од кои 17 се ликвидирани. Актевен е пожарот на територијата на Општина Сарај, кој е проширен од Желино, кај Јасен. Во текот на ноќта пожарот бил локализиран, но сѐ уште постои опасност од реактивирање – додава Стојановски.
Има активни помали пожари и на територијата на Општините Охрид и Велес кои се локализирани, а вчера се изгасени два пожара и во Кавадарци кои се закануваа со можно префрлање кон Кожуф, информираа од ЦУК.