ЦУК: Селата околу кои има пожари се безбедни
Пожарот кај пехчевското село Будинарци и натаму е најсериозниот од неколкуте активни пожари во Македонија и во неговото гаснење учествуваат и екипите од Словенија и Австрија, како и хеликоптер на АРМ.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека непристапниот терен и променливото темпо на пожарот се факторите кои го отежнуваат гаснењето.
„Пожарот не е до самото село Будинарци. Сите села се обезбедни, ниедно не е директно загрозено од пожарите. Околу селата има изорано појаси кои делуваат како тампон зона, за да не префрли пожарот накај селото. Дополнително има цистерни, распоредени на таа линија, за да се спречи огнот да дојде од другата страна“, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Тој рече дека безмалку на сите места, локалните жители помагаат во справување со пожарите, но дека досега ниту еден пожар не изгаснале сами. Тој им се заблагодари на помошта, но рече дека тие немаат алат, немаат обука за гасење пожари, туку само срце , храброт и љубов за да си ги спасат имотот.
Покрај овој, активни пожари има и во Општините Сарај, Петровец и Старо Нагоричане, додека пожарот кај делчевските села Разловци и Нов Истевник е под контрола, иако сè уште не е целосно изгаснат.
Романскиот противпожарен авион „Спартан“ дејствува во околината на Прилеп, каде што веќе неколку дена гори на три локации кај селото Топлица.
Од ЦУК информираа дека бугарските пожарникари кои дојдоа на помош денеска си заминаа од Македонија, додека Австријците и Словенците продолжуваат да помагаат.
ЦУК го претстави системот НИКС со кој се дигитализира следењето на состојбата со пожарите
Центарот за управување со кризи на денешната прес-конфернеција го претстави системот НИКС (Следна генерација на систем за командување), што претставува посебен систем за командување во итни ситуации, којшто всушност ги дигитализира сите податоци од терен, со цел да бидат регистрирани во централата од кадешто раководи со состојбите Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК.
– Преку овој систем имаме просторно прикажување на ситуацијата на терен одосно, членовите на Главниот штаб на едно место на екран ги гледаат сите податоци, гледаат на кои места имаме активен пожар, гледаат каков е неговиот интензитет, гледаат каде има изгаснат пожар, за којшто постои можност повторно да се реактивира. Како што веќе во повеќе наврати кажавме изгаснатите пожари понатаму претставуваат опасносат бидејќи доволно е само малку ветер и повторно на истото место истиот да се разгори. Сите податоци од терен ги имаме на едно место, тоа помага на Главниот штаб да носи квалитетни одлуки, да врши подобра координација на силите на терен, наведе директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, додавајќи дека в среда ќе се одржи детална презентација на системот.
Зборувајќи за критиките за нивното работење упатени од опозицијата, Ангелов повика на седниците на Главниот штаб да присуствува и претставник од Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Бидејќи постојано сме предмет на критики од страна на опозицијата, поканувам претставник на Комисијата за одбрана од Собранието, да дојде и да присуствува на седниците на Главниот штаб. Отворена покана до ВМРО-ДПМНЕ, нивен претставник од Комисијата за одбрана и безбедност да дојде и да присуствува и одблиску да ја набљудува работата на Главниот штаб. Можеби тоа ќе помогне и тие да видат дека работата не е стихијна, дека имаме целосна контрола, рече Ангелов.
Директорот на ЦУК нагласи дека во овој момент треба сите да се солидализираме и секој кој колку може да помогне да се изгнасат овие пожари.
– Од нашата перцепција сметаме дека свеста за пожарите кај граѓаните е значително зголемена, благодарение на медиумите. Граѓаните сфатија каква е опасноста. Полицијата активно работи на терен и добиваме и пријави за лица кои што одат намерно да запалат пожар. Веќе неколкумина беа уапсени, за неколку пожари ги знаеме и причините. Тоа помага да се намали бројот на пожари. Постојано треба да се апелира за општите мерки за безбедност, рече Ангелов.