Црна Гора очекува уште 55 милиони евра од Планот за раст
Подгорица – Министерството за европски прашања на Црна Гора објави дека земјата исполнила повеќе од половина од мерките предвидени со Агендата за реформи, поради што, како што наведуваат, очекуваат уште 55 милиони евра од Планот за раст.
Владата на Црна Гора го усвои Третиот полугодишен извештај во рамките на Инструментот за реформи и раст на ЕУ, кој го подготви Министерството за европски прашања, во соработка со Министерството за финансии и други надлежни институции.
Извештаите се подготвуваат за следење на спроведувањето на Агендата за реформи на Црна Гора за периодот 2024-2027 година, што е клучен оперативен механизам на Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан, објавува RTCG.
„Во рамките на Агендата за реформи е постигнат видлив напредок, од вкупно 45 реформски чекори, 24 се целосно спроведени, додека 21 чекор се оценети како делумно спроведени. По поднесувањето на Третиот полугодишен извештај, ќе следи неговата евалуација од страна на Европската комисија. Доколку Европската комисија ја потврди поднесената проценка, на Црна Гора ќе ѝ бидат доделени дополнителни 59 милиони евра за постигнатите чекори, пропорционално намалени за седум проценти, колку што ѝ беа доделени на Црна Гора во форма на претфинансирање во текот на мај 2025 година. Со ова би се постигнал значаен финансиски и реформски пробив во рамките на Планот за раст“, се вели во соопштението.
Министерството за европски прашања наведува дека постигнатите резултати укажуваат на напредок во спроведувањето на планираните обврски, но и на потребата од понатамошно интензивирање на активностите за реформите чии рокови истекуваат во наредниот период, со зголемен надзор, посилна техничка координација меѓу одделите и тесна соработка со Европската комисија.
„Министерството за европски прашања особено ги истакнува одделенијата кои забележаа високо ниво на имплементација на планираните активности од почетокот на имплементацијата на Реформската агенда, меѓу кои се издвојуваат Министерството за енергетика и рударство, кое исполни девет од 10 реформски чекори, Министерството за образование, наука и иновации, кое целосно ги спроведе сите пет планирани чекори, како и Министерството за човекови и малцински права, кое ги исполни сите обврски во рамките на својата надлежност“, соопшти Министерството.
Тие известуваат дека со исполнување на повеќе од половина од планираните мерки, Црна Гора ја потврдува својата посветеност на клучните реформски цели во областите опфатени со Реформската агенда – подобрување на деловното опкружување и развој на приватниот сектор, дигитална и енергетска, или зелена транзиција, развој на човечки капитал, како и владеење на правото и фундаментални права – со што се создаваат услови за имплементација на следните транши финансиска поддршка од Инструментот за реформи и раст.