Чудо во Словенија: Цените на храната масовно паѓаат, некои и за 50 отсто


 

Откако цените на храната дивееја во Словенија во првата половина од годинава, порталот „Журнал24“ пишува дека трговците почнале да ги намалуваат цените на храната, а одредени категории доживеале попуст до 50 отсто.

Новинарите од порталот разговарале со шест големи трговци кои имаат синџири на продавници кои работат во Словенија за да проверат кои артикли и категории на храна се значително поевтини.

Одговорот од „Хофер“  е дека годинава веќе имале неколку стотици намалувања на цените на производите, меѓу нив има и прехранбени и непрехранбени производи (главно производи за домаќинството). „Кај прехранбените производи денеска цените се пониски отколку на почетокот на годината, особено за млечни производи, други производи во фрижидер, свежо месо и риба и производи на кои не им е потребно ладење (масло, ориз, тестенини)“, објасниле од „Хофер“.

Од синџирот „Шпар“ велат дека ја намалиле цената на повеќе од 1.400 артикли. „Во просек цените на овие производи беа намалени за 11%, а некои намалувања беа и повеќе од 40% или дури 50% (пример: свински стекови, сончогледово масло) Така во последните шест месеци ги намаливме цените на одредени производи во сегментите месо, риба, замрзнати производи, млечни производи, масло, тестенини, брашно, овошје и зеленчук“, нагласуваат од „Шпар“.

„Во последно време почнаа да се намалуваат откупните цени, што е забележливо кај млекото и млечните производи, маслото, брашното, свежото месо. Дополнително, со низа активности, како што се трајно намалените цени, попустите за пензионерите и попустите на викендов Меркатор обезбедува уште поповолни набавки“, велат од „Меркатор“ за намалувањето на цените.

Новинарите од „Журнал24“ ги проверувале цените на одредени категории производи – млекото кое пред лето чинеше од 1,09 до 1,25 евра, сега падна на 0,79 до 1,09 за литар.

Поевтини и кашкавалот гауда – пред летото цените се движеа од 6,53 до 9,98 евра за килограм, но сега паднаа на 3,96. Пониска е и цената на јогуртот – од просечни 1,19 паднала на 0,89 за литар во добар дел од анкетираните продавници. Цената свинските стекови паднала од 6,50 на просечно по 3,5 евра за килограм.