Четворицата астронаути на НАСА се вратија на Земјата по речиси осум месеци на МВС


Четворица астронаути на НАСА денеска се вратија на Земјата со леталото на компанијата „Спејс Икс“, откако беа на мисија на Меѓународната вселенска станица (МВС) која траеше речиси осум месеци.

Капсулата на „Спејс Икс“ слета во Мексиканскиот залив во близина на брегот на Флорида. Нивниот престој на МВС беше продолжен поради проблеми со капсулата „Старлајнер“ на „Боинг“ и ураганот Милтон, кој ги погоди САД на почетокот на овој месец, објави телевизијата Еј-Би-Си.

Четворица астронаути – тројца Американци – Метју Доминик, Мајкл Барат и Жанет Епс и еден Русин – Александар Гребенкин, требаше да се вратат на Земјата пред два месеци, но нивното враќање беше одложено поради проблеми со капсулата „Старлајнер“ која од МВС се врати празна во септември, бидејќи се сметаше дека е небезбедна за враќање на астронаутите.