Чешка продава илјадници бункери. Цените тргнуваат од 1.000 евра


Бункерот „Буда“ има статус на културно-историски споменик

На крајот од 1930-тите години Чехословачка изгради 5.000 бункери на границата со германскиот Трет Рајх. Тие требаше да бидат пречка за нацистичката инвазија. Сега чешката армија сака да се ослободи од нив

 

Кон крајот на 1930-тите, тогашна Чехословачка изгради мрежа бункери долж границата со германскиот Рајх. И иако утврдувањата сѐ уште не беа целосно завршени во септември 1938 година, тие сепак беа клучна пречка за Вермахтот, што многу ги загрижи нацистичките генерали.

Но, иако Прага мобилизираше 1,1 милион војници и ја стави својата армија во состојба на готовност, британскиот премиер Невил Чемберлен и неговиот француски колега Едуар Даладие потпишаа договор со Адолф Хитлер на 29 и 30 септември 1938 година во Минхен. Тој ја обврза Чехословачка да ја пренесе на Третиот Рајх целата нејзина погранична област, која тогаш беше населена со значајно германско малцинство.

На овој начин, граничните утврдувања паднаа во рацете на нацистите. Без нив, Чехословачка беше практично без одбрана, што во голема мера ја олесни нацистичката окупација на 15 март 1939 година. Парадоксално, подоцна, во пролетта 1945 година, бункерите им помогнаа на германските окупатори во борбата против Црвената армија. Битките долж утврдувањата сериозно ја забавија советската офанзива и чинеа животи на илјадници советски војници.

Од 2000 година, армијата на Чешка постепено започна да се ослободува од утврдувањата. На два начина – или со продажба на приватни лица, или со пренос на нивниот имот во региони или општини. „Имаме 4.993 мали бункери“, вели Петар Сикора од чешкото министерство за одбрана.

Бидејќи овие објекти веќе немаат никакво воено значење, во меѓувреме една третина од нив ги сменија сопствениците – досега 1.767 помали локации и 112 поголеми се префрлени или продадени. Чешката армија сака да се ослободи од сите. „Само неколку ќе бидат зачувани за да служат како складишта“, објасни Сикора.

Артилериското утврдување Хурка на границата со Полска во 1938 година

Од година во година, нови и нови предмети за продажба се појавуваат на веб-страницата на чешката армија. „Цените почнуваат од 1.000 евра и достигнуваат неколку илјади“, рече Сикора. И бидејќи предметите се продаваат на аукција, нивната цена лесно може да се зголеми. Сепак, интересот за бункерите постојано расте – особено ако се наоѓаат, на пример, во вински региони.

Некои од бункерите се претворени во музеи, кои се многу популарни меѓу туристите – и од Чешка и од странство. Едно од најпосетуваните е артилериското утврдување Хурка на границата со Полска. „Само во јули и август имавме над 20.000 посетители“, рече Мартин Рабон од Друштвото на пријатели на чехословачките утврдувања.

Рабон не е против продажба на бункери на приватни лица – но посочува дека на некои места нема патишта до објектите, а сопственоста на околните области често е нејасна. „Купување на такво нешто е бесмислено“, вели Рабон, кого сѐ повеќе го бараат идните купувачи. „Препорачуваме потенцијалните купувачи прво да го обезбедат своето земјиште околу соодветните локации“.

Некои од објектите, како што е артилериската тврдина „Буда“, се споменици на културата на Чешка. „Но, одбранбената линија е генерално заштитена како споменик“, рече Рабон. „Оттаму, има смисла армијата да продава. Но, идната судбина на овие уникатни споменици мора да биде сигурна. Бидејќи тие беа сведоци на патриотскиот ентузијазам на Чесите кон крајот на триесеттите години“. (Дојче веле)