Цените на памукот растат, еве зошто


 

Цените на памукот во последно време растат, а причината се екстремните временски услови.
Годинава цените достигнаа највисоко ниво од 2011 година, односно околу триесет проценти повеќе од почетокот на 2022 година.

Во Индија, еден од најголемите светски производители, обилните дождови и штетниците толку многу го намалија родот на памукот што земјата е принудена да го увезува. Високите температури во Кина ја зголемија загриженоста за претстојната жетва таму. Во САД, најголемиот светски извозник, влошената суша предизвикува проблеми на фармите и се проценува дека производството ќе падне на најниско ниво во повеќе од една деценија. А сега Бразил, вториот најголем извозник во светот, се бори со екстремни горештини и суши, кои веќе ги намалија овогодинешните приноси за речиси 30 отсто, пишува Блумберг.

Падот на глобалната понуда е толку остар што го засени падот на побарувачката. Американската влада и аналитичарите предвидоа пад на побарувачката поради послабата продажба на облека и забавувањето на економиите, особено во Европа и Азија, пренесува СЕЕбиз.

Добрата вест е што бразилските земјоделци имаат намера да ги зголемат насадите на памук за 100.000 хектари на 1,7 милиони хектари во сезоната 2022-2023, а садењето ќе започне во јануари. Со најголемиот дел од сегашниот продаден род, земјоделците ќе се обидат поагресивно да ги заштитат приходите од жетвата во 2023 година.