Цените на нафтата пораснаа
На глобалните пазари минатата недела цената на нафтата порасна за повеќе од 3,5 отсто, што најмногу се должи на надежта на трговците дека побарувачката во најголемите светски економии наскоро би можела да зајакне. На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за повеќе од 3,5 отсто, на 79,66 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за повеќе од 4 отсто, на 76,84 долари.
Трговците беа охрабрени од податоците кои укажуваат на солиден раст во најголемите светски економии. Меѓу другото, беше објавено дека пред една недела, бројот на барања за бенефиции за невработени во САД се намалил на неделно ниво, што ги намали стравувањата од рецесија во најголемата светска економија.
Цените беа поддржани и од податоците за благ пораст на инфлацијата во Кина, што може да значи дека побарувачката закрепнува во втората по големина светска економија и најголемиот увозник на нафта во светот. Цените на „црното злато“ се поддржани и од геополитичката тензија на Блискиот исток, каде постои ризик од ескалација на конфликтот.
Израелската армија минатата недела ги засили воздушните напади во окупираниот палестински Појас Газа. Продолжените израелски напади следеа по атентатот на лидерите на палестинскиот Хамас во Иран и на либанскиот Хезболах во Бејрут. Иран најави одговор на тоа, додека Тел Авив рече дека нема да ги запре воените операции во Газа додека не го уништи Хамас.
„Цените на нафтата пораснаа, меѓу другото, бидејќи тензиите на Блискиот Исток ги поддржуваат стравувањата од прекини во производството во тој регион, а со тоа и намалување на понудата на нафта на пазарите“, објаснува Пјер Вејрет, аналитичар во „Актив трејдс“.