Цената на струјата во Финска отиде во минус


Само во понеделникот цената на киловат час струја во Финска се движеше од -0,013 до 2,99 евра или во просек 0,54 евра. Вакво сценарио е во игра секојдневно од средината на минатата недела, кога цената на киловатите за првпат отиде во минус на пазарот на електрична енергија во таа земја.

Експертот за енергетика Милош Здравковиќ, во изјава за Бизнис.рс, посочува дека тоа не значи дека производството на електрична енергија станало бесплатно, бидејќи тоа би се „граничило со научна фантастика“.

Финскиот пазар е преплавен со евтини киловати електрична енергија добиена од обновливи извори. Вишокот на производство е забележан во хидроцентралите, ветерните и соларните централи, додека минатиот месец на мрежата беше приклучен Олкилуото 3, првиот нов нуклеарен реактор отворен во Европа по повеќе од 15 години. Благодарение на струјата од нуклеарната централа, цената на струјата во Финска паднала за 75 отсто, од 245,98 евра за мегават час во декември на 60,55 евра за мегават час во април.

Финскиот јавен сервис YLE потсетува дека краткотрајното излетување на цените на струјата во „негативната зона“ не е толку ретко во ноќните часови, но дека минатата недела за прв пат се случи дневната просечна цена на киловат да биде во црвено.

И додека потрошувачите можат да сметаат на пониски сметки, ситуацијата е тешка за производителите на струја, бидејќи цената лесно паѓа под производните трошоци, предупредува YLE.

„Операторите во Финска и околните области сега ја следат ситуацијата. Ако хидроенергијата не може да се регулира (поради топењето на снегот и добиениот вишок вода), тогаш нуклеарната енергија најверојатно ќе биде следната опција. Производството кое не е профитабилно по овие цени обично се отстранува од пазарот. Производителот на нуклеарна енергија веќе најави намалување на производството“, изјави Јука Руусунен за YLE.

Здравковиќ потсетува за Бизнис.рс дека минатата година граѓаните на Финска се соочиле со повици за заштеда на енергија и предупредувања дека може да има недостиг од гас и електрична енергија поради последиците од војната во Украина и санкциите против Русија, како и дека поради отсуство на голема криза во снабдувањето со електрична енергија оваа година во Европа треба да се заблагодариме на блага зима и полни магацини со гас.

„Често се занемарува дека поголемата употреба на обновливите извори на енергија повлекува и поголема искористеност на гасот, бидејќи секој електроенергетски систем е дизајниран да работи континуирано, што со денешната технологија не може да се постигне со потпирање единствено на обновливите извори на енергија“, вели Здравковиќ, објаснувајќи зошто. Неодржливо е да се очекува дека ќе потрае состојбата на „негативни цени“ на струјата и дека производната цена на струјата ќе биде на нула.

„И ураниумот чини пари“, нагласува тој, нагласувајќи ја важноста на новиот реактор Олкилуото 3, со капацитет од 1,6 GW, во релативно мала земја.

Бидејќи моментално во Финска се води дебата за тоа како да се ограничи производството на електрична енергија, Здравковиќ истакнува дека и Данска се соочила со сличен проблем.

„Данска има изградено толку многу инсталиран капацитет на ветер што може да произведе четири пати повеќе електрична енергија отколку што и е потребно, но проблемот е што нема континуитет во производството – кога нема ветер мора да увезуваат енергија, најмногу од белгиските нуклеарни централи. Исто така, не е лесно ниту да се запре процесот на производство, бидејќи таа енергија треба некаде да се складира“, вели Здравковиќ.

Тој заклучува дека, од гледна точка на управувањето со производството на енергија, реверзибилните хидроцентрали се добри решенија, а батериите за складирање на енергија произведена од обновливи извори се уште се развиваат.