Цената на метанот – „поздрав“ од Русија

И според процентот на поскапување и според цената за килограм во евра на ЦНГ, компресираниот природен гас, или популарно наречен метан, кај нас сега е најскап во Европа


Тоа ни е „поздрав“ од Русија, нема лутење – вака еден енергетичар во неформален разговор го искоментира драстичното поскапување на метанот во Македонија, кој од почетокот на годинава има енормно поголема цена – 110 денари за килограм, што предизвика и панична реакција на Јавното сообраќајно претпријатие во Скопје и барање помош од Владата.

И, навистина, ако се споредат цените на ЦНГ, компресираниот природен гас, или популарно наречен метан, кај нас со други земји, вклучувањето на алармот е очекувано. Според Фуело.нет, интернет страница која ги следи цените на горивата, произлегува дека порастот на цената на ЦНГ во Македонија е меѓу највисоките, за цели 136,5 отсто за само еден месец (до Нова година чинеше 46,5 денари за килограм).

Цената на ЦНГ во Србија, според оваа интернет страница, е непроменета – килограм метан таму чини 94,5 српски динари, или повеќе од двојно поевтино отколку во Македонија. Во Бугарија ЦНГ покапе изминатиот месец за 12,9 отсто, од 2,48 лева на 2,8 лева за килограм, во Словенија за минимални 1,9 отсто, од 0,927 на 0,945 евра за килограм, во Грција цената на ова еколошко гориво остана иста – 0,837 евра за килограм, исто и во Холандија (1,031 евро) и во Швајцарија 1,49 швајцарски франци…

Позначајни поскапувања имало во Австрија, 15,63 отсто (од 1,043 евра на 1,206 евра за килограм), во Турција за 62,55 отсто, од 5,02 на 8,16 турски лири итн. Отскокнува единствено Германија, каде што (доколку не станува збор за некоја грешка) метанот поскапел за неверојатни 3.701 отсто, од 1,047 евра на 39,80 евра за килограм, покажуваат податоците на Фуело.нет!

Како што може да се види, и според процентот на поскапување и според цената во евра, ова гориво кај нас сега е најскапо во Европа што сигурно дава поинаква слика за економската исплатливост на 33-те еко автобуси кои се набавија со кредит од Европската банка за обнова и развој во износ од 10 милиони евра и за кои првата рата стигнува за плаќање кон крајот на овој месец во износ од околу 1 милион евра.

„Договорот за заем бр. 08- 117/1 од 28.01.2019 година на вкупен износ од 10.000 илјади евра со рок на враќање на 14 еднакви полугодишни рати, започнувајќи со отплата на 31.01.2022 година, а последниот датум на отплата е 31.07.2028 година. Заемот е предмет на променлива каматна стапка. Целта на Договорот за заем е да му помогне на Заемопримачот во модернизацијата на автобуската флота преку купување автобуси на CNG со цел да се обезбеди зголемена оперативна ефикасност. Салдото на 31.12.2020 година по основ на овој кредит изнесува 607.571 илјади денари“, се вели во Годишниот извештај за работењето на ЈСП во 2020 година.

Во извештајот за првите девет месеци од минатата година, пак, меѓу другото се вели дека за метан во овој период биле потрошени 24,04 милиони денари или околу 390,8 илјади евра (во структурата на вкупните трошоци за гориво учествувал со 2,2 отсто), речиси за 3,5 пати повеќе од истиот период 2020 година кога за таа намена биле потрошени 6,8 милиони денари (околу 111,7 илјади евра) или во структурата на трошоците учествувал со 0,6 отсто.

Во тој извештај уште се вели дека во периодот јануари-септември лани ЈСП остварило вкупен приход од 1,03 милијарди денари, а расходите изнесувале 1,18 милијарди, односно била остварена загуба од работењето во износ од 147,6 милиони денари (околу 2,4 милиони евра).

Оттука, произлегува дека годинава, доколку се задржи истата потрошувачка на метан, за девет месеци би требало да се издвојат околу 56,8 милиони денари или околу 924 илјади евра, што сепак го става под знак прашање тврдењето на директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски дека новата цена ќе се одрази на работењето со оглед на тоа дека претпријатието е во лоша финансиска состојба.

„На метан возат 33 нови автобуси на МАН. Лани за нив горивото чинеше околу 1 милион евра, со новата цена ќе требаат 2 милиона евра. Затоа бараме да ни помогне Владата, а Регулаторна комисија да ја замрзне цената на метанот“, изјави деновиве Илиевски, иако официјалните извештаи кои ги има и на интернет страницата на претпријатието, покажуваат поинакви податоци.

Исто така, чудно е и што со призвук на уцена вели дека ако не се исполнат барањата и ако не може ниту Град Скопје да даде дополнителни субвенции, тогаш како последна опција е да се редуцира возниот ред, односно да се задржи зимскиот возен ред, со оглед дека (врз основа на податоците од извештаите на ЈСП), претпријатието на крајот на септември лани располагало со вкупно 378 автобуси, што значи дека учеството на оние што возат на метан е под девет отсто.

Дали проблемот со цената на метанот сега се користи и во политички цели, на релација локална и централна власт, а на штета на обичните граѓани? Познавачите не го отфрлаат ваквото размислување, па студеното објаснување од Владата дека досега официјално не добила никакво барање за помош од ЈСП „Скопје“ поради зголемената цена на метанот, како и пораката ЈСП прво да се обрати за помош во Град Скопје, под чија надлежност е, го доведуваат во корелација со она што е случува во Собранието, каде што поради инатењето на опозицијата не можат да се донесат низа законски решенија.

Како што е познато, од ЈСП „Скопје“ побараа измени и во Законот за енергетика, со цел метанот да се стави во делот на регулирани горива за кои ќе биде надлежна Регулаторната комисија за енергетика, но од таму велат дека цената на метанот не е регулирана и во други држави, односно се определува на пазарот.

Цените на Ултра 95, ЛПГ и на метанот (извор: Макпетрол)

„Регулаторната комисија за енергетика единствено ги утврдува тарифите за пренос и дистрибуција на природен гас, ние не издаваме лиценци за трговија со ЦНГ, затоа што пазарот на природен гас е либерализиран веќе седум години. Одлука за замрзнување на цени носи Владата. Природниот гас кој се транспортира во посебни боци, при што истиот е во компримирана состојба, ЦНГ или често викан „метан“ може слободно да се тргува без лиценца. Набавката и продажбата на компресираниот природен гас може да го врши секое правно и физичко лице за свои потреби. Цената на овој енергенс не е регулирана и истата слободно се формира од страна на трговците со ЦНГ“, соопштија од РКЕ.

Познавачите велат дека дури и да биде регулирана цената на метанот, ќе мора да бидат признаени трошоците – набавната цена на горивото, на што ќе треба а се додаде и соодветна маржа, која можеби би била и повисока од онаа која сега ја пресметува „Макпетрол“, а која е извонредно ниска и не ја оптоварува многу крајната цена. Покрај тоа, постројките за полнење на метан исто така се значајни инвестиции, од околу 1 милион евра, што исто така ќе мора да се земе во предвид. Така, како што стои на интернет страницата на „Макпетрол“ компанијата е инвеститор на станица за компримиран природен гас во кругот на ЈСП Скопје што служи за полнење на автобусите. Максималниот капацитет на постројката изнесува стотина автобуси за седум до осум часа.
„Врз база на тоа искуство „Макпетрол“ самостојно инвестира во проекти за проширување на примената на компримиран природен гас под назив метан и за други комерцијални возила на територијата на РМ“, се вели во информацијата. 

Нашата земја, односно „Макпетрол“ се снабдува со природен гас од руски „Гаспром“, од каде што лани наплатувале по околу 240 долари за нормален метар кубен, а годинава цената е околу илјада долари за нормален метар кубен.

Како што стојат работите, решението сепак ќе мора да се бара на релација ЈСП „Скопје“ – Градот Скопје и Владата, или можеби да се чека да се стабилизира, односно да падне цената на енергенсите.. А, дали до такво нешто ќе дојде е прашање од милион долари – што би се рекло, тоа никој не може со сигурност да го предвиди во овој момент.