Цели населби во Скопје имаат проблеми со снабдувањето со вода – Владата не може да помогне

Прашан дали Владата може да се приклучи во решавањето на проблемот со снабдувањето со вода во делови на Скопје поради дивите приклучоци и нерационалното трошење, министерот за локална самоуправа, Златко Перински упатува дека ингеренциите се во Градот Скопје, согласно Законот за локалната самоуправа и Законот за води.
-Владата нема никакви ингеренции. Ова е кулминација од сите наталожени проблеми кои што го тиштат Градот Скопје. Проблемите кулминираа и во рамките на самите јавни претпријатија. Станува збор за технички проблем, а уште поинтересно е да видите каде се најголемите инвестиции кои што Градот Скопје и јавните комунални претпријатија ги имаат направено во изминатите три години и многу брзо и јасно ќе ви стане за овие технички проблеми, кажа Перински на прес-конференција во Владата.
Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“ во Скопје денеска остана без вода. Изминативе денови во болницата имале слаб притисок, а од утрово снемало целосно вода. Не станува збор за дефект туку, бидејќи болницата се наоѓа во висока зона, нема вода исто како и целата населба Водно.
Цели населби во Скопје, особено оние во повисоките зони, во изминативе десетина дена имаат проблеми со снабдувањето со вода. Жителите на Водно, Железара, Автокоманда, Ченто, Маџари и други делови од градот со часови се без вода во текот на денот и остануваат дежурни во текот на ноќта за да обезбедат вода барем за технички потреби за наредниот ден. Некаде пак, притисокот е многу слаб.