Царовска : Училиштата не се трансмитери на вирусот и засега остануваат отворени


Сите мерки кои ги спроведовме ценам дека се добри и го дадоа очекуваниот ефект. Се почитуваат правилата и можеме да констатираме дека училиштата не се трансмитери на вирусот. Имаме помалку од еден процент заразени ученици и наставници во училиштата. Така што, сега засега тие остануваат отворени за учениците од прво до трето одделение и за оние ученици од погорните одделенија каде има можност да се следи настава во училница. За секоја промена, јавноста навремено ќе биде известена, вели во интервју за МИА министерката за образование и наука Мила Царовска.

Таа е задоволна како се одвива наставата од почетокот на учебната година на 1 октомври, посочувајќи дека над 90 отсто од учениците во државата успешно следат онлајн-настава, а се намалува и бројот на деца кои немаат ИТ-уреди. Вели дека сè уште има предизвици, но и очигледни заложби за нивно елиминирање.

За претстојното оценување и колку на далечина тоа ќе биде објективно, министерката напомнува дека има опција да се организира проверка и со физичко присуство под строги протоколи.

Царовска во интервјуто укажува и дека МОН преку блок-дотациите има обезбедено пари да се плати прекувремената работа на наставниците кои, како што наложуваат здравствените протоколи за најмногу 20 деца во училница, работат одделно со две групи од исто одделение. Очекува наставниците да го добијат дополнителниот приход потсетувајќи дека тоа е и законска обврска.

По повеќе од еден месец настава со различни модели и услови – ученици кои одат на училиште, други кои следат онлајн и оние кои поради техничка неопременост добиваат печатени материјали и гледаат ТВ-часови, функционира ли сè како што беше планирано и каква е Вашата оценка – имаат ли сите еднакво или приближно исто образование?

– Оваа учебна година е сосема различна од сите претходни, бидејќи се организира во услови на пандемија, во исклучително специфични околности кои создаваат предизвици од аспект на еднаков пристап и идентично образование за сите ученици. Ова го велам затоа што наставата во училница е најефикасниот модел за едукација на учениците, за кој нема подобра алтернатива. Но, тој не е возможно да биде достапен за сите во моментов. Оние држави кои го направија тоа, видовме кој беше исходот.

Државата и институциите на системот предводени од Министерството за образование и наука имаат должност да обезбедат непречен образовен процес за сите ученици и тоа по модел кој го наложуваат приликите. Затоа и преку еден инклузивен пристап со учество на многу засегнати страни креиравме еден план за комбинирана настава – во училница и онлајн, со кој на ниедно дете не му е скратено правото на образование.

По еден месец настава во оваа учебна година, задоволна сум од тоа како таа се одвива и, истовремено, благодарна првенствено на раководствата на училиштата и на наставниците, но и на родителите кои се трпеливи и вложуваат дополнителни напори и време за сè да биде како што е испланирано.

Сепак, некоректно е да кажам дека немаме предизвици, но мислам дека се и очигледни заложбите за елиминирање на тие предизвици. На пример, ќе посочам дека онлајн-настава за којашто многумина беа скептици и не веруваат дека ќе профункционира, во моментот успешно ја следат над 90 проценти од учениците на ниво на држава. Исто така, би сакала да напоменам дека од ден на ден се намалува бројот на деца кои се без уреди и за кои станува достапно онлајн-учењето благодарение на ангажманот на градоначалниците, училиштата и компаниите.

На одложениот почеток од учебната година рековте дека одлуките за нејзиниот тек ќе се носат во oд, затоа што процесот е динамичен и менлив и зависи од состојбата со вирусот. Кажавте дека училиштата ќе останат отворени, но бидејќи бројот на заразени расте, се размислува ли, сепак, за дополнителни мерки во наставата со физичко присуство?

– Сите мерки кои ги спроведовме, ценам дека се добри и го дадоа очекуваниот ефект. А тоа е резултат и на нивното почитување. Се почитуваат правилата и можеме да констатираме дека училиштата не се трансмитери на вирусот. Имаме помалку од еден процент заразени ученици и наставници во училиштата. Така што, сега засега остануваат отворени за учениците од прво до трето одделение и за оние ученици од погорните одделенија каде има можност да се следи настава во училница.

За секоја промена, јавноста навремено ќе биде известена и бидете сигурни дека секоја одлука, како и досега, ќе се носи по препорака на Комисијата за заштита од заразни болести, бидејќи тоа експертско и стручно тело најдобро знае како треба сите ние да постапуваме во секоја прилика, согласно со развојот на епидемиолошката слика и трендовите во глобални размери по однос на ова прашање.

МОН ги повика директорите на училиштата да им ги платат дополнителните часови на оние наставници кои согласно здравствените протоколи минатиот месец работеа со две групи деца од исто одделение. Се огласи и СОНК со укажување дека некаде директорите одбиваат да ја платат прекувремената работа. Како ќе се постапи во овие случаи – само со препорака или има и законска обврзаност?

– Исплатата на прекувремените часови е законска обврска, предвидена во Законот за работни односи и таа треба да се почитува. МОН веќе испрати официјален допис до училиштата, односно до училишните раководства да го имаат предвид овој момент. Секој наставник кој работи прекувремено, со две групи, да го добие приходот кој му следува.

И, пари за оваа намена има. МОН обезбеди дополнителни средства преку блок-дотациите. Така што, очекувам директорите да направат пресметки колку такви наставници имаат во својот колектив и соодветно да им се исплати прекувремената работа.

Лично сметам, но и се залагам дека треба се вреднува трудот на наставниците, бидејќи тие ни се најаважната алка во образовниот систем. Само со мотивирани и ангажирани наставници можеме да направиме промени и напредок во образованието и на тоа заеднички ќе работиме во периодот којшто ни престои.

Синдикатот побара од МОН да им биде дозволено на наставниците во онлајн-наставата, кои имаат технички услови, да работат од дома наместо од училиштата за да не се изложуваат на ризик патувајќи до и од работното место. Пред сè, ова се однесува на хроничните болни. Ќе го уважите ли нивното барање?

– Во Планот за организирање на учебната 2020/2021 година има одредби кои го регулираат ова прашање. Наставниците може да побараат од директорите да им дозволат да работат од дома доколку имаат хронични и ретки болести или ако немаат технички услови на работа. Наставниците со хронични и ретки болести се ослободени од работа доколку состојбата им е во фаза на егзацербација или доколку имаат малигна болест, а за што ќе приложат потврда со наод и мислење од лекар специјалист, врз основа на што ќе користат боледување.

Сè останото е договор помеѓу наставниците и директорите на училиштата. СОНК е наш важен партнер и заеднички низ конструктивен дијалог работиме на надминување на сите предизвици.

Најголемиот дел од учениците и наставниците работат на далечина, сè уште преку алатката Мајкрософт тимс, затоа што националната платформа за онлајн-учење не профункционира целосно. Кога се очекува таа да биде оптимизирана и без проблеми да опслужува околу 260 000 корисници?

– Онлајн-наставата успешно се реализира и од почетокот на учебната година до сега, односно само за еден месец, бројот на ученици коишто следат онлајн-настава е зголемен за 20 проценти и во моментот изнесува над 90 проценти. Двонасочната комуникација се одвива преку Мајкрософт тимс којшто без никакви проблеми го практикуваат и наставниците и учениците.

Овде би напоменала дека самите наставници се оние коишто ја креираат содржината на часот и преку својата иновативност и креативност го нудат најдобриот начин да им го пренесат знаењето на децата, и покрај тоа што учењето е од далечина. Секој наставник според наставниот план и програма самостојно ја организира онлајн-наставата, домашните задачи и материјалите за учење. Исто така, во комуникација со учениците, која најчесто е со видеоконекција, разговара и го проверува напредокот во совладувањето на материјалот.

Навистина сум одушевена од начинот на којшто и учениците, и наставниците, се снајдоа со онлајн-наставата и успеаја да се прилагодат на овој модел во исклучително краток рок.

До 20-ти месецов учениците треба да ги добијат и првите оценки. МОН и Бирото за развој на образованието подготвија упатства за оценување кои се во согласност со онлајн-наставата. Сметате ли дека во вакви услови ќе биде загрозено објективното вреднување на знаењето на учениците?

– Најголем дел од наставниците, оние кои веќе им предавале во изминатите години на едни исти ученици, тие веќе знаат и препознаваат кој колку се заложува. Предизвиците за оценување се поголеми кај учениците од прво одделение, од шесто одделение и од прва година во средното образование.

Сепак, наставникот и ученикот имаат опција да организираат проверка на знаењето со физичко присуство под строги протоколи и така да се дојде до една објективна оценка на знаењето кое ученикот го стекнал. Верувам дека наставниците знаат да препознаат заложба, пораст на заложбите и да дадат стимулација и, согласно со тоа, да ги оценат учениците.