Царовска: Потребни се поголеми вложувања на науката, таа е основата за целокупниот развој


Министерската за образование и наука Мила Царовска по повод Светскиот ден на науката – 10 ноември, денеска учествуваше на онлајн панел дискусија за развојот на научната дејност во Република Северна Македонија. Дискусијата, организирана од Комисијата за наука при Универзитетското Студентско Собрание на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, беше во насока да се увидат состојбата, местото и иднината на научната дејност во државата.

– Научно истражувачката дејност е многу значајна за развојот и напредокот на сите сегменти на општеството, затоа сметам дека како Влада треба да посветиме посебно внимание на унапредување на нашата наука. Овие дискусии се многу значајни за да ја согледаме важноста за вложување во науката, но и да се поттикне соработката помеѓу академските, научно-истражувачките установи, приватниот сектор и институциите, истакнала Царовска.

Министерката посочила дека веќе се работи на планско и континуирано обезбедување со средства наменети за науката, преку грантово, проектно и програмско финасирање.

– Од годинава за првпат Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука преку грантовското финансирање додели 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари коишто треба да го поттикнат развојот на науката во нашата држава. За 23 од доделените апликации, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“– Скопје ќе ги обезбедува потребните услуги, 9 ваучери се доделени на Универзитетот „Гоце Делчев“– Штип, а 2 на Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола. Преку овие иновациски ваучери, коишто ќе ги доделуваме и во иднина, од една страна вложуваме во иновацијата, отвораме можности за младите директно да учествуваат на проекти кои можат да ја обликуваат нивната кариера, а од друга страна им овозможуваме на компаниите да ја зголемат својата конкурентност, истакнала Царовска.

Од Министерството за образование и наука информираат од идната година ќе воведуваат поддршка за национални истражувачки програми, а очекувањата се во 2022 година, како што велат, да се воведе програмско финасирање кое ќе се спроведува во континуитет и ќе биде предвидено со целосно нов Закон за научно истражувачка дејност.

Министерката истакнала дека заложбите на МОН се да се зголеми учеството на БДП во науката. – Според последните податоци од Државниот завод за статистика во текот на 2019 година БДП-то во науката учествувало со 0,35 отсто, а учеството на бизнис секторот во науката било 0,10 отсто. Во земјите од ЕУ овие вложувања изнесуваат во просек околу 1,8 отсто од БДП, а тенденцијата е да станат околу 3 отсто, потенцирала Царовска.