Цакај: Обединување на Албанија и Косово не е на официјалната агенда и на двете земји


Овластениот министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Гент Цакај изјави дека националното обединување на Албанија и на Косово не е на официјалната агенда на двете земји, јави дописничката на МИА од Тирана.

На тој начин ја отфрли изјавата што косовскиот претседател Хашим Тачи ја даде деновиве во албанскиот град Хас дека „во блиска иднина Косово и Албанија ќе живеат заедно во една држава“.

– Што се однесува до изјавите на претседателот на Косово, тоа е прашање кое не е во официјалната агенда на ниту една од земјите, но се залагаме да ја интензивираме нашата соработка со Косово и со другите земји во регионот. Принципот на регионална соработка е на агендата на Албанија, затоа што тоа го бара Берлинскиот процес. Досега, нашата амбиција за соработка не беше насочена само кон Косово, туку и со Албанците од регионот и државите во регионот во целина, изјави Цакај.

Консолидацијата на односите со соседите е услов од Брисел за европскиот пат на земјите од Западен Балкан, но Цакај не можеше да каже датум кога ќе продолжат разговорите со Грција за отворените прашања, меѓу нив и определувањето на морската граница.

Независно од тоа Цакај е убеден дека Грција нема да го условува почетокот на преговорите на Албанија со ЕУ.

– Северна Македонија постигна огромен напредок. За Албанија, конечниот договор со Грција не беше услов за почеток на преговорите. Потврдувам дека актуелната Влада во Грција исто како и минатата година беше поддржувач на европската агенда на Албанија. Во Советот на Европа и комуникациите што ги имавме до сега и она што го очекуваме во одлуката во јуни, доколку има одлука, Грција не наметна никаков услов за отпочнување преговори со постигнување конечен договор, изјави Цакај.

Со идентичен став како и премиерот Еди Рама, Цакај побара од опозицијата да седне на дијалог, да мисли за Албанија и да ги остави на страна партиските интереси.