Бунт во Грција поради окупацијата на плажите со лежалки

Жителите од туристичките места создадоа национално движење, кое бара слободен пристап до плажите, кои во Грција се јавни


Нема кај да се помине од лежалките и чадорите на плажата кај Нафплио, на Пелопонез (Фото: ЕПА)

 

На популарниот грчки остров Парос, протестот на жителите кои бараат простор и слободен пристап до неговите песочни плажи доведе до растечко национално движење против проширувањето на скапите лежалки што ги издаваат приватни компании.

Протестите, наречени од медиумите „Движење крпа“, брзо се проширија од Парос до блискиот остров Наксос и до други места за одмор на север и на југ од земјата.

„Локалните жители уживаат во мирот овде, така што не сакаме [плажата] да биде зафатена од бизниси кои водат сметка за парите, а не за природата и атмосферата“, рече Ронит Нешер, 53-годишен жител на Парос.

„Не сакаме плажата да биде окупирана од чадори и огромни, знаете, навистина огромни кревети кои немаат никаква врска со едноставноста на островот“.

Плажите се јавни во Грција, земја која прима милиони туристи секоја година, главно во лето, нејзината врвна туристичка сезона. Сепак, сè поголем број бизниси добија лиценци за изнајмување лежалки и чадори кои ги поставија покрај дел од плажата.

Демонстрантите велат дека цените за две лежалки и еден чадор често може да надминат 100 евра за еден ден, а во многу случаи бизнисите се прошируваат многу подалеку од договорената површина на плажата, оставајќи малку простор за оние кои сакаат бесплатно да положат пешкир и да се сончаат.

„Доаѓаме овде мирно… само сакаме да ве известиме дека се обидуваме да го вратиме нашето право на слободен пристап до нашите плажи“, рече еден од демонстрантите преку разглас додека шеташе низ лежалките на плажата Марчело во Парос.

Обвинителот започна истрага за случајот на Парос.

Во Наксос, повеќе од 5.000 луѓе се приклучија на Фејсбук групата „Спасете ги плажите на Наксос сега!“, која исто така поднесе правна жалба.

„Плажите беа толку полни со овој мебел… што многу луѓе кои не сакаа да седат на кревет или на стол, немаа повеќе простор за седење“, рече Елени Андријанопулу (47), една од организаторите на групата.

Грција има крајбрежје долго 16.000 километри и стотици плажи каде компаниите изнајмуваат лежалки. Земјата излезе од должничката криза пред пет години и во голема мера се потпира на туризмот за економско закрепнување. (Ројтерс)