Бугарската црква се престројува кон Вселенската патријаршија


Бугарски владици на средба со патријархот Вартоломеј

 

Бугарската православна црква се престројува на страната на Вселенската патријаршија, напуштајќи ја политиката на верност што досега ја имаше кон Руската православна црква.

Откако вчера се случи историско сослужување на пет архијереи од Бугарската црква со архиереи на автокефалната црква на Украина во Фанар, БПЦ направи уште еден потег за поголема блискост до Вселенската патријаршија, пишува порталот „Религија“.

Високата и бројна црковна делегација од Софија, која е неколку дена во посета на Фанар го кани вселенскиот патријарх Вартоломеј да присуствува на изборот и на интронизацијата на новиот бугарски патријарх. Меѓу гостите се и политичари и јавни личности од Бугарија.

Веста ја објави Вселенската патријаршија и тоа претставува голем чекор напред во јакнење на односите меѓу двете цркви.

Вартоломеј им рекол на гостите од Бугарија дека за 30 јуни, кога е определен датумот за избор на новиот патријарх, имал потврдена агенда на посети, но дека ќе ја откаже, за да отпатува во Софија.

Петмина владици на бугарската црква вчера сослужуваа со владици на автокефалната црква на Украина, со што го направија првиот чекор кон прифаќање на оваа црква. Историското сослужување се случи во присуство на Вартоломеј, кој ја предводеше патријаршиската литургија, која се одржа во манастирот Балаклија.

Ова сослужување е историски чин за Бугарската црква, ако се знаат нејзините реалции со Руската црква. Признавањето на канонскиот статус на Православната црква на Украина, е прв чекор кон прифаќање на нејзината автокефалност, иако за очекување е ова предизвика турбуленции во Синодот на БПЦ, каде има и исклучително проруски владици.

Вселенската патријаршија соопшти дека бугарската и украинската делегација имале заедничка вечера на бреговите на Босфорот.

Во исто време делегација на МПЦ-ОА, предводена од владиците Петар и Тимотеј служеше во Соборниот храм на Свети Сава во Белград заедно со патријархот на СПЦ Порфириј и со Митрополитот на Санк Петерсбург Варсонуфиј од Руската православна црква.