Бугарите бесни што станаа „тројански коњ“ на Трамп во ЕУ


Додека во Македонија се чудат зошто премиерот Христијан Мицкоски, кој се фалеше дека е во периметарот на Доналд Трамп, не добил покана да биде член на Одборот за мир  за Газа, во Бугарија, која беше „почестена“ со тоа, појавувањето на премиерот во оставка Росен Жељасков  на потпишувањето на договорот во Давос предизвика силна негативна реакција.

Новинарот Веселин Желев од порталот „Клуб З“  го нарече  „огромен внатрешно-политички скандал приклучувањето на Бугарија кон таканаречениот Одбор за мир, со кој Трамп се обидува да ги заобиколи ОН“, бидејќи е направено од страна на влада во оставка, соборена со масовни протести, без дискусија во парламентот и без никаква јавна дебата.

„Покрај внатрешно-политички скандал, ова е голема надворешно-политичка грешка. Директно влијае на нашата национална безбедност и ги понижува Бугарите, приклучувајќи ги кон меѓународниот циркус на Трамп и ставајќи ги во друштво на маргинални и диктаторски земји.

Кого прашаа да ја рангираат Бугарија покрај Унгарија на Орбан – единствените две земји од ЕУ што денес ја потпишаа повелбата на Мировниот одбор? Од денес, црно на бело, ние сме во периферната ЕУ, центристичката, трампистичката, а тоа значи – во Путиновата. Со оној што е наведен како потенцијален тројански коњ на МАГА во ЕУ, на кого се потпира новата американска стратегија за национална безбедност за да го разбие единството, да ја блокира и да ја попречи Европа. Ниту една од другите 25 земји-членки не се приклучи на Одборот. Германија и Франција јасно одбија. Надвор од ЕУ, Обединетото Кралство исто така одби, наведувајќи ги правните проблеми што би ги создало приклучувањето кон Советот. Во какво друштво нè внесе Росен Жељасков? Еве го: Аргентина, Бахреин, Ерменија, Азербејџан, Египет, Индонезија, Јордан, Казахстан, Косово, Пакистан, Парагвај, Катар, Саудиска Арабија, Турција, Мароко, Обединетите Арапски Емирати, Узбекистан и Монголија“, пишува Желев. 

Според него, ова заслужува масовен протест и ако таканаречената проевропска опозиција не го стори тоа, или ако го стори тоа и никој не одговори, тогаш го заслужуваат „срамното друштво на Трамп и Орбан“.

„Најскандалозно од сè е целосниот недостаток на транспарентност по стратешкото и витално прашање за сите граѓани – каде што се наоѓаме геополитички? Кој ја стави Бугарија во Одборот за мир на Трамп? Токму сега, кога односите меѓу ЕУ и САД се најзатегнати поради Гренланд, царините, Украина и целокупното непријателство на денешниот Вашингтон кон ЕУ, целосно делегитимиран кабинет ни наредува да бидеме на страната на МАГА. О, еј… Вие бевте ‘Граѓани за европски развој на Бугарија’ ГЕРБ? Што правите со Трамп и компанија?

Кој ја прави нашата надворешна политика (кога се појавува спорадично)? Кој си дозволува да лиже странски задници во Давос во име на мојата земја и со каква цел? Кој си дозволува да го има мојот идентитет и припадност без да ме праша? Утре може да одлучат да нè извадат од ЕУ на ист начин“, коментира Желев.

Тој смета дека парламентот мора да побара одговорност за овој неодговорен чекор и да ја принуди владата да ја повлече Бугарија од таканаречениот Одбор за мир. А, ако парламентот не сака, граѓаните мора да го изнудат тоа.

„Бугарија заслужува повеќе достојни лидери. Бугарија не треба да стане клиент и вазал на Трамп во ЕУ“, коментира Желев.

„Клуб З“ ги објави и насловите околу овој настан за да ја илустрира ситуацијата: „90% лудило и 10% лаги“, „Трамп и неговата ОН на отпаднички држави“, „Трамп продава мир за 1 милијарда долари“, „Одборот за мир – документ на автократот“, „Работите секогаш можат да станат погротескни – Трамп и неговиот Одбор за мир“…

Медиумот напоменува дека овој Одбор за мир започна како дел од мировниот план за Газа и првично се викаше токму така, но Трамп тивко ја промени идејата и телото сега е Одбор за мир кој ќе се занимава со конфликти низ целиот свет. Со други зборови, алтернативна ОН во која членуваат само земји кои се целосно потчинети на Доналд Трамп за придонес од 1 милијарда долари. Мир кој е на продажба, со Повелбата која ги вклучува и фараонските услови на Трамп:  Тој е доживотен шеф, има право на конечно вето за сите прашања и може да биде заменет само ако почине!

„Последната личност што имаше такви овластувања беше Рамзес II. Дури и севернокорејскиот Ким мора да се покорува на партиското раководство и неговите генерали. Не и Трамп во овој совет“, стои во коментарот на медиумот.

„Скандалот околу оваа покана денес добива гротескни размери, откако сите бугарски учесници во овој циркус си ја припишаа поканата како лична за да добијат изборни поени, но на крајот го фрлија авторитетот и иднината на целата земја во корпата за ѓубре на историјата“, пишува медиумот, според кој  Бугарија  има тешка судбина во овие турбулентни времиња да се најде управувана од политичари кои се обидуваат да ја одвојат од нејзиниот европски пат и од нејзините сојузници, со цел да ја внесат или во руската сфера на влијание, или во трампистичката сфера.